Топ
Скопјанец украл 10 илјади евра од менувачница, го искористил моментот кога вработениот кратко излегол
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 20 март, одзел пари во вкупен износ од 10.100 евра од менувачница на улицата „Архиепископ Ангелариј“. Го искористил моментот кога вработениот во менувачницата, поради зафатеност со работни обврски, кратко излегол надвор, па осомничениот влегол во менувачницата, од благајната ги одзел парите и веднаш го напуштил местото. Набрзо бил пронајден и уапсен.
Осомничениот е претходно осудуван, а за него се водат и други постапки за кривични дела. Со оглед на тоа, а имајќи ја предвид и опасноста тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје синоќа достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Опасност од мигранти, проблем е Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тајни разговори
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред повеќе месеци ја најави опасноста која што не очекува со мигрантите и таа опасност е владата на ВМРО-ДПМНЕ со нејзините тајни преговори, разговори и договори, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека наместо конкретни и јасни одговори, власта ја нападна СДСМ со црна кампања.
„Кога првпат овие тајни преговори и разговори ги спомнавме, а тоа беше потврдено во пишувањата во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа во следниот период таа кампања само ја засилија“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче укажа дека скандалозно и недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од владата, информациите ги дознаа од британските медиуми кои излегоа со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Земјотрес почувствуван во регионот на Кичево
Земјотрес со магнитуда од два степени според Рихтеровата скала бил регистриран ноќта во 01:23 часот во Македонија, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според податоците,земјотресот бил регистриран на 15 километри југoјугозападно од Кичево, 73 километри североисточно од Елбасан, Албанија.
Епицентарот се наоѓал на длабочина од 15 километри.
Македонија
Беким Сали назначен за в.д. претседател на Алтернативата по оставката на Зеќирија Ибрахими
Вицепремиерот и иден министер за европски прашања Беким Сали е избран за вршител на должност претседател на Алтернатива, откако досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка на седницата на Централното собрание.
Ибрахими во својата објава наведе дека се повлекува од функцијата претседател на партијата, истакнувајќи дека одлуката ја донел поради сопствените политички убедувања и дека сака идните одлуки на партијата и коалицијата ВЛЕН да ги носи новото раководство.
Тој посочи дека првично планирал да не се кандидира на редовниот партиски конгрес во март или април 2026 година, но динамиката во рамките на ВЛЕН го забрзала процесот. Со поддршка е избран Беким Сали, негов долгогодишен соработник, кој партијата ќе ја води до одржување на конгресот.
Во објавата, Ибрахими направи детален осврт на своето 11-годишно политичко делување, нагласувајќи дека оставката не е резултат на незадоволство, туку на уверување дека партијата и ВЛЕН имаат потреба од нова енергија, нов проект и ново политичко лидерство.
Тој изрази задоволство што, како што наведува, придонел кон повлекување на „старата, компромитирана политичка класа“ и создавање простор за нови идеи и политики меѓу Албанците во Северна Македонија.
Ибрахими посочи дека е време за „втора етапа“ на политичката организација на Албанците во земјата и дека младите треба да добијат поголема улога. Тој истакна дека во Алтернатива биле промовирани неколку нови лица што, според него, можат да бидат идни политички лидери.
Во продолжение Ибрахими упати благодарност до сите соработници, колеги од Алтернатива и ВЛЕН, како и до своето семејство. Побара прошка од сите кои, како што рече, можеби ги повредил во политичката дебата, и истакна дека тој лично никого не смета за непријател.
Иако се повлекува од лидерската позиција, Ибрахими наведува дека останува подготвен да придонесува во партијата и во ВЛЕН преку едукација на младите и пренесување на своето политичко искуство.

