Топ
Скопјанец ја истепал 4-годишната ќерка кога се качила на креветот за да ги земе играчките, има набиеница на главата, се бара притвор
Против 28-годишен скопјанец е поведена постапка за нанесување телесна повреда врз четиригодишната ќерка.
Основното јавно обвинителство Скопје ја иницираше постапката поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во населбата Драчево, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена 2021 година.
Додека мајката на детето приготвувала јадење, тоа си играло со нејзините две сестри. Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие.
Имајќи предвид дека согласно вербалните искази при пријавата на настанот, осомничениот подолго време манифестирал агресивно однесување во семејството, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на насилството со несомнени последици врз нормалниот психофизички развој и воспитувањето на децата. Исто така, доколку биде пуштен да се брани од слобода, постои опасност од бегство, со цел да ја избегне кривичната одговорност за стореното кривично дело. Од тие причини Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.

