Црна хроника
Скопјани лажеле дека се управители и набавувале разна стока, оштетиле повеќе фирми
Двајца скопјани лажно се претставувале дека се комерцијалисти и управители во фирми и набавувале разна стока. Тие оштетиле неколку фирми, а нарачувале кoмпресори, пумпи, конвертори, акумулатори и генератори.
Основното јавно обвинителство Скопје до судот поднесе обвиненителен предлог против две лица, од кои едното се товари за продолжено кривично дело измама, а другото лице е обвинето за помагање при извршувањето на истото кривично дело.
Според информациите од Обвинителството, првообвинетиот со намера да прибави противправна имотна корист, телефонски контактирал управител на правно лице од Неготино и лажно му се претставил како комерцијалист во фирмата АЛФИ-И-2019 ДООЕЛ Скопје и навел дека на правното лице му е потребна стока за нов маркет, кој набргу треба да биде отворен. Притоа нарачал стока – кoмпресори и пумпи во вкупна вредност од 239 илјади денари. Второобвинетиот ја примил стоката во магацин на Качанички Пат и се потпишал на испратницата. Но, лицата што ја испорачале стоката инсистирале на испратницата-фактура да биде ставен и печат на фирмата, па кога забележале дека печатот и името на фирмата на која гласи фактурата не се совпаѓаат, побарале да си ја земат стоката назад, што не им било дозволено.
Неколку дена подоцна, првообвинетиот се јавил кај фирма во Скопје и на истиот начин нарачал четири парчиња вибро-игли за бетон и два конвертора со вкупна вредност од 194.606 денари, кои наводно му биле потребни за нов магацин што треба да се отвори во населбата Илинден. Оштетениот побарал претходна гаранција, но обвинетите го уверувале дека станува збор за сериозна фирма и дека исплатата на стоката ќе биде направена за 3-5 дена по што го поканиле во седиштето на фирмата за да се увери за каква фирма станува збор. Оштетениот го испратил својот татко, а двајцата обвинети лично го уверувале во сериозноста на фирмата по што стоката била испорачана. Второобвинетиот се потпишал на фактурата и уште еднаш лажно ги потврдил податоците на правното лице што се јавило како купувач.
Кон крајот на декември минатата година првообвинетиот телефонски стапил во контакт со шеф на магацин во третото оштетено правно лице и се претставил како управител на фирма која е заинтересирана за купување акумулатори. Кога биле договорени деталите, лично отишол во магацинот на оштетеното правно лице, ги уверил управителот и шефот на магацинот во сериозноста на неговата фирма и во два дена подигнал акумулатори во вкупна вредност од 285.364 денари.
На крајот на март годинава првообвинетиот телефонски стапил во контакт со управител на правно лице од Кадино и навел дека е заинтересиран за купување генератор, при што била договорена цена од 10.500 евра во денарска противвредност. Истиот ден обвинетиот пристигнал во магацинот на оштетеното правно лице за да ги договори деталите за исплата преку наводна кредитна рамка од една банка. Кога биле договорени деталите, оштетената фирма испорачала агрегат во вредност од 645.750 денари. Следните два дена обвинетиот лично одел во оштетената фирма и подигал и друга стока вредна 205.669 денари.
Надлежниот јавен обвинител побара од судот за првообвинетиот да биде продолжена претходно определената мерка притвор, а за второобвинетиот мерката куќен притвор, со цел непречено водење на кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
40-годишниот прилепчанец пронајден починат: трагично заврши потрагата по Виктор Илиоски
Семејството и пријателите преку социјалните мрежи се збогуваат од Виктор Илиоски од Прилеп, кој последен пат бил виден во саботата попладне.
„Син ми почина“, напиша мајката Роза во еден од коментарите на Фејсбук.
40-годишниот прилепчанец Виктор Илиоски, кого семејството го пријави дека исчезнал, попладнево е пронајден починат во кругот на болницата во Прилеп, соопшти МВР.
„Денеска (16.02.2026) во 16:00 часот во СВР Битола пријавено е дека во кругот на ГОБ Прилеп пронајден бил В.И. (40) од Прилеп без знаци на живот. Лицето на 15.02.2026 година било пријавено за исчезнато лице. Од Итна медицинска помош била констатирана смрт, известен е јавен обвинител по чија наредба телото е дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.
Црна хроника
Уапсени две жени од Грција, краделе козметика во трговски центар во Аеродром
Полицијата уапси две грчки државјанки, осомничени за извршена кражба во продажно место на подрачје на општина Аеродром.
Според информациите на МВР, вчера во 19:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода 46-годишната Е.П. и 26-годишната Г.Г., двете од Република Грција.
Тие се сомничат дека на 14.02.2026 во периодот од 18:15 до 18:35 часот од продажно место во Трговски центар на подрачјето на општина Аердором украле повеќе козметички производи.
По целосно документирање на случјот, против двете ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Скопјанец ги нападнал мајка си и сопругата, жена насилно внесена во возило – четири случаи на семејно насилство во главниот град
Четири одделни случаи на семејно и партнерско насилство се регистрирани за еден ден во Скопје, при што во еден од инцидентите осомничен нападнал мајка и сопруга со остар предмет, а во друг 27-годишна жена била насилно внесена во возило и физички нападната од поранешниот партнер.
На 15.02.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје, 41-годишна жена од скопско пријавила дека на 14.02.2026 околу 21:00 часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг Т.А., со кого се во бракоразводна постапка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Истиот ден во 00:35 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Т.В.(55) од скопско, по претходна пријава дека на 14.02.2026 околу 22:30 часот во стан на подрачјето на Ѓорче Петров физички ја нападнал неговата 59-годишна сопруга. И за овој случај ќе следува соодветен поднесок.
На 15.02.2026 во 23:05 часот во СВР Скопје, 27-годишна жена пријавила дека околу 21:00 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, со употреба на физичка сила била насилно ставена во патничко возило, при што била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Е.М.(33). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во четвртиот случај, на 15.02.2026 во 22:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Е.(34) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 16:00 часот во семејниот дом физички ги нападнал неговата 58-годишна мајка и неговата 30-годишна сопруга, при што употребил и остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

