Топ
Сообраќајна несреќа на улица во Скопје, меѓу повредените и деца

Пет лица со повреди биле пренесени во болница по сообраќајна несреќа што се случила вчера на улицата „Кемал Сејфула“ во Скопје.
Во несреќата учествувале „југо“ и „пежо“, управувани од скопјани, а во второто возило имало и деца на возраст од десет и осум години.
Полицијата соопшти дека децата, возачот и совозачот на „пежото“ со возило на Итната медицинска помош биле пренесени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им биле констатирани телесни повреди и им била укажана лекарска помош.
Кај триесет и седумгодишниот возач на „југото“ биле констатирани тешки телесни повреди и со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Градската болница „Св.Наум Охридски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу лично е за токсиколошка проверка да биде законска за сите лекари, но не знае дали правно може да се дефинира

Министерот за здравство Азир Алиу лично смета дека треба да се додаде законска обврска за токсиколошки анализи на сите лекари по скандалозната снимка од директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски на која тој меша бела прашката материја и кажува дека зема исклучиво со „чисто бело“. Алиу не е сигурен дали во овој момент ваква законска обврска може да се вметне во некој од 12 здравствени закони кои се менуваат во овој момент.
„Правно не знам дали тоа може да се дефинира. Јас би сакал, како министер за здравство, да има таков член во законот, но да ви кажам во кој закон и дали тоа може да се формулира не би сакал кога не сум сигурен. Јас лично би сакал да имаме уште една институција која што ќе го проверува и тој момент, покрај стручноста“, рече министерот Алиу.
Сега веќе разрешениот директор на Клиниката за неврологија Кузмановски, од март годинава работел со истечена лиценца. Министерот Алиу најави дека неколку комисии, покрај Лекарската комора и Државниот санитарен и здравствен инспекторат работат на утврдување на тоа дали и какви прегледи правел Кузмановски во периодот додека бил без лиценца.
Иако не е сигурен дали токсиколошките анализи може да станат законска обврска, министерот Алиу најави дека ќе побара во „Мој термин“ да се вметне рокот на лиценцата на лекарите и системот да им забранува логирање во моментот кога ќе им истече важноста на лиценцата.
Алиу извести дека на местото на разрешениот Кузмановски, за вршител на должност го назначил Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој, пак, рече дека на негова иницијатива на Клиниката ќе се формираат две интерни комисии со кои ќе се иницира внатрешен стручен надзор на работата на разрешениот директор во последните 12 месеци.
Македонија
Јован Божиновски назначен за нов директор на Клиникaта за неврологија, соопшти Алиу

Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција информираше дека за нов в.д. директор на Клиниката за неврологија е назначен д-р Јован Божиновски, формирани се и комисии за надзор на работата на оваа клиника.
-По повод објавениот видео-материјал на 10 октомври со компромитирачка содржина, која според член 111, став 1, т.4 од Законот за здравствена заштита, а поврзано со предизвикување директна или индиректна штета на јавните здравствени установи, во овој случај нарушување на угледот на институцијата, поранешниот веќе директор д-р Игор Кузмановски е разрешен и денеска е назначен нов директор д-р Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје, посочи министерот Алиу.
„Министерството е во постојана комуникација со Лекарската комора, формирана е комисија во Министерство и побаран е инспекциски надзор од ДСЗИ, по што ќе се формира и интерна комисија за стручен надзор на Клиникат“.
Македонија
Ѓорѓиевски дискотеките ќе ги извади на периферијата, младите брачни двојки ќе бидат 100 % ослободени од комуналии ако градат куќа

Иднината на Скопје, кандидатот за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски ја гледа како град кој функционира паметно, брзо и чесно преку вистинска дигитализација. Тој денес кажа дека откога ја направил Кисела Вода прва дигитална Општина не само во Македонија туку на целиот Балкан, таквиот модел ќе го пренесе и на градско ниво.
„Со 17 проекти од оваа област Скопје ќе стане првиот целосно ‘пејпер фри’ град во државата, дигитален, модерен и пред се транспарентен. Дигиталната трансформација ќе се изврши во три клучни сегменти. Комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури, креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и бизнис заедницата и комплетна дигитализација на Советот и на јавните претпријатија со што Градот ќе ја започне најголемата административна реформа досега“, вели Ѓорѓиевски.
Посебна организациона единица со назив „смарт центар“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде срцето на дигиталната трансформација. Преку овој центар ќе се координираат сите проекти за дигитализација на Градот, односно воведување на паметен град овозможувајќи дигитално управување со транспорт, отпад, јавни ресурси и услуги преку податоци и анализи во реално време.
„Ќе воведеме документ-менаџмент систем за сите административни процеси да се дигитализираат од прием на предмети до нивно решавање, со јасен дигитален траг на секој документ. Ова ќе гарантира отчетност, брзина, минимално влијание на човечкиот фактор, и пред се подобра услуга за нашите граѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Практичната имплементација на визија за урбан развој за Скопје 2025 – 2045 година ќе се реализира преку проектот Дигитален близнак на Скопје со што ќе се создаде дигитална реплика на градот со интеграција на просторни податоци, сензори и документи. Овој систем Ѓорѓиевски смета дека ќе овозможи интелигентно урбано планирање, поефикасно управување со инфраструктурата, климатска отпорност и брз одговор при непогоди.

Секој извод од Генералниот урбанистички план ќе биде достапен дигитално со електронски потпис, рече Ѓорѓиевски
Ѓорѓиевски најави дигитализација на сите регистри во Град Скопје, проект за е-даноци со кој решенијата за данок на промет ќе се издаваат за пет работни дена, а даноците ќе се плаќаат електронски. Со проектот е-адреса во соработка со Катастарот ќе се изврши комплетно мапирање на улиците и објектите и секој објект ќе добие видлив број, секоја улица матичен број, правилен назив и кјуар код со можност за граѓаните да добијат електронска потврда за точната адреса.
Дигиталната платформа за културно наследство ќе интегрира 3Д – реконструкции, виртуелни тури и дигитални архиви на културното богатство на Скопје достапни за граѓаните и туристите.
Градскиот портал Ѓорѓиевски вети дека ќе биде централно место преку кое граѓаните, бизнисите и институциите ќе имаат централен пристап до сите услуги на градот, јавните претпријатија и јавните установи, брзо транспарентно и достапно.
Со е – извод од ГУП секој извод од Генералниот урбанистички план ќе биде достапен дигитално со електронски потпис, скопјани ќе добијат една картичка со која ќе можат да ги плаќаат сите градски услуги јавен превоз, паркинг, билети за култура и спорт со попусти и бесплатни услуги за учениците, пензионерите, невработените и лицата со попреченост.
Ѓорѓиевски планира комплетна дигитализација на Советот на Град Скопје и јавните претпријатија кои ќе работат транспарентно и дигитално преку електронски седници на Советот и состаноците на Управните одбори, со електронски пристап до материјалите, гласање и дискусија со јавна достапност и на сите записници.

Сите средни и големи компании во Скопје ќе бидат обврзани да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години за секои дваесет постојани вработувања, рече Ѓорѓиевски
Со посебни мерки, Ѓорѓиевски ќе ги задржува младите дома.
„Сакаме да изградиме град кој ќе им понуди шанса, простор и поддршка да растат и да создаваат овде во Скопје. Затоа ја воведуваме мерка која веќе даде одлични резултати во Кисела Вода, а тоа е ослободување од комуналии за млади брачни двојки. Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат 100% ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Општина Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100%, а за останатите општини 60 %, односно делот кој му припаѓа на Град Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Во програмата задолжително младинско вработување Ѓорѓевски предвидува обврска за сите средни и големи компании во Скопје да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години за секои дваесет постојани вработувања.
„Оваа мерка се темели на успешни модели од земји како Германија и Холандија каде младинските квоти и стимулации за работодавачите резултирале со значително зголемување на вработеноста кај младите“, рече Ѓорѓиевски.
Тој денес промовираше младински центар за кариера кој ќе обезбедува менторство, обука и поврзување со работодавачи, најави проект за поддршка на млади занаетчии, субвенции за современа опрема на занаетчиите, дигитални уреди и технички алати, но и кампања „Учи занает, гради иднина“ за директна вклученост на локалните мајстори.
Ѓорѓиевски ќе го враќа и ноќниот живот во Скопје.
„Со цел враќање на ноќниот живот во Скопје ќе изградиме диско-зона со која ќе се создадат специјализирани зони за летни дискотеки и ноќни клубови, надвор од центарот на градот со цел намалување на метежот, бучавата и притисокот врз градското јадро овозможувајќи контролиран ноќен развој и ревитализација на периферијата“, вели Ѓорѓиевски.
Најави и дигитални станбени хабови, проектот „Паметно семејство“ кој ќе создаде станбени зони за млади брачни парови и повратници од странство со засилена социјална и дигитална инфраструктура и целосна дигитализација на пазарот на недвижности со што сите сите достапни станови и деловен простор ќе бидат јавно објавени на градскиот портал.