Топ
Сопственик на продавница им ветувал на купувачите дека ќе им ги прости долговите ако гласаат за СДСМ
Сопственик на продавница во Штип ветувал дека ќе им избрише долг на неколку лица ако на изборите гласаат за СДСМ, објави министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
„По добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе непознати лица од ромска националност, кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој наводно би им бил намирен доколку тие на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, побарана и добиена е наредба за претрес на домот и другите простории кај конкретното лице со цел обезбедување материјални докази и целосно документирање на настанот. При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени четири тетратки во А4-формат, во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, шест стари лични карти, една дозвола за престој и една здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на кривично дело поткуп при избори и гласање“, објави Чулев на „Фејсбук“.
Пронајдените предмети се одземени, а во просториите на СВР Штип со Д. А. извршен е разговор во однос на околностите поврзани со пронајдените предмети.
Чулев апелира до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
(Видео) Мицкоски: И во април 2026 ќе има линеарно зголемување на пензиите, со тоа се намалува сиромаштијата кај оваа група граѓани
Во текот на денешната работна посета на општина Кавадарци, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарските прашања се осврна на зголемувањето на пензиите во наредниот период.
„Ќе има повторно линеарно зголемување на пензиите за пензионерите во април, за мартовската пензија. Продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри кои што ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и „џини-коефициентот“, само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите, најпрвин за 2.500 денари кои се случија во ноември за октомвриската пензија во 2024 година, па дополнителните 2.500 денари во април за мартовската пензија, оние 1.000 денари дополнително линеарно зголемување во ноември за октомвриската пензија 2025. Така ќе биде и сега во април за мартовската пензија во 2026“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека со ова се сака да се намали стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани, а со тоа да се намали и „џини-коефициентот“ кој подразбира нееднаквост во распределбата на доходите кај различни групи на граѓани.
„Во таа насока добро се движиме, што се однесува до „џини-коефициентот“ сме најдобри во регионот и сме над европскиот просек, а борбата против сиромаштијата е една од главните цели на оваа Влада и ќе се движиме и понатака во таа насока“, додаде Мицкоски.

