Црна хроника
Со отпад од Инфективната клиника предизвикале загрозување на животната средина, следуваат кривични
Две лица од Скопско организирале транспорт на повеќе пратки со отпад од Инфективната клиника до заштитната зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец“ во општина Карпош, информираат од МВР. Отпадот без поседување дозвола бил закопан под површината на земјата, со што предизвикале загрозување на животната средина за што ќе следуваат и кривични пријави, велат од МВР.
Од таму информираат дека единицата за економски и компјутерски криминал поднела кривична пријава против Ј. С. од с. Шишево, општина Сарај, и против правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво според Кривичниот законик.
Првопријавениот, во својство на сопственик на пријавеното правно лице, во периодот од крајот на мај и почетокот на јуни 2020 година преку правното лице организирал транспорт на повеќе поврзани пратки на отпад (градежен шут и смет) од Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје до локација на втора заштитна зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец“ во општина Карпош.
Тој отпад заедно со веќе постојниот затекнат на дивата нелегална депонија, спротивно на прописите за заштита на животната средина и спротивно на прописите и одредбите од елаборатот – експертизата за заштита на бунарската зона „Нерези-Лепенец“ и без поседување дозвола, бил закопан под површината на земјата, со што го сторил кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Во куќа во Ѓорче Петров фрлени две запалени стаклени шишиња
Непознато лице ноќеска фрлило две запалени стаклени шишиња кон семејна куќа во Ѓорче Петров при што настанал пожар кој бил изгаснат од членови на семејството. Повредени лица нема.
Министерството за внатрешни работи во денешниот полициски билтен информира дека случајот е пријавен во 03:22 часот од страна на 49-годишна жена.
– Едно од стаклените шишиња паднало во дворното место до паркирано товарно возило, а второто паднало на тераса од куќата и предизвикало пожар. Пожарот бил изгаснат од членови на семејството. Повредени лица нема, информира МВР.
Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Турски државјани уапсени поради шверц на мигранти
Полициски службеници денеска ги лишиле од слобода С.А.О. (35) и К.Х. (32), двајцата државјани на Република Турција, поради сомнение за сторено кривично дело криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Околу 02:30 часот, на автопатот Гевгелија–Скопје, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица сопреле патничко моторно возило „шкода октавија“ караван, со скопски регистарски ознаки, сопственост на рент-а-кар компанија, управувано од С.А.О., при што како сопатник во возилото се наоѓал К.Х.
При извршениот преглед на возилото, биле пронајдени четири илегални мигранти од Египет, на возраст од 15 до 35 години.
По наредба на јавен обвинител, двете лица се задржани во Полициската станица Гевгелија, додека мигрантите се сместени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“.
По целосно документирање на случајот, против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Истрага против четири лица за пронајдени дрога и оружје во Брвеница
Тетовското обвинителство поведе истражни постапки против вкупно 4 лица по оретресите во Брвеница, во кои беше пронајдена наркотична дрога и оружје.
Тројца од нив се осомничени за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Така, кај еден осомничен биле пронајдени пиштол со 2 куршуми во рамка и уште 20 куршуми за автоматска пушка. Кај друг осомничен полицијата пронашла 55 куршуми, oд кои 53 куршуми боева муниција забранета за граѓаните, додека кај третиот бил пронајден пиштол без шаржер.
Четвртото лице кај себе држело 3,15 грама кокаин во моментот на претресот, поради што му е поведена истрага за – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
По краткотрајниот 48-часовен притвор за обезбедување докази, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени, додека за еден се предложени мерки на претпазливост.

