Топ
Тепачка со ножеви и пиштоли меѓу две семејства во Кондово, двајца завршиле во болница

Две лица се повредени во тепачка меѓу две семејства во Кондово, во која биле употребени нож и пиштол. Како што информира полицијата, вчера во 18,03 часот било пријавено дека во с.Кондово-скопско бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу членови на две семејства. Според пријавеното, во дворот од куќата сопственост на Т.Ф.(45) дошле браќата Ф.Љ. С.Љ. и Ф. Љ. и физички го нападнале сопственикот, а потоа и С.Ф.(45), Р.Ф.(21) и 15 годишен малолетник.
Полициски службеници излегле на местото на настанот и бил пронајден нож, како и две чаури за кои Т.Ф. посочил дека биле испукани од пиштол од страна на Ф.Љ. Во 21,00 часот од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив биле донесени С.Љ. и Ф.Љ. со повреди од остар предмет. Се работи на целосно расчистување на случајот, информира МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце чекање и до 40 минути, АМСМ апелира за трпение

Долги колони возила се создаваат на граничниот премин Табановце, каде што за излез и влез во државата се чека и до 40 минути, информира АМСМ.
Од таму додаваат дека зголемената фреквенција на возила е резултат на летните одмори, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е значително зголемен. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
Иако сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и коловозите се суви, АМСМ апелира до возачите на зголемена претпазливост, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност од одрони. Како критични делници се посочуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
„Возачите да ја прилагодат брзината, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, бидејќи условите на патиштата бараат дополнителна претпазливост“, порачуваат од АМСМ.
Свет
Во Украина има 700.000 руски војници, еве каде е најголемата концентрација

Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (ГУР) информираше дека на територијата на Украина моментално има околу 700.000 руски војници.
Поголемиот дел од руските војници се концентрирани во регионот Донецк, што укажува на главниот приоритет на Кремљ, изјави претставникот на Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, Андриј Јусов.
Тој истакна дека овој број не ги вклучува само редовните војници, туку и силите за поддршка, специјалните служби и Руската национална гарда.
Претставникот на ГУР нагласи дека севернокорејските војници кои учествуваат во украинскиот конфликт се борат само на руска територија.
Фактот дека Северна Кореја ги испратила своите војници да се борат против Украина стана познат минатата есен, а потоа се зборуваше за бројот на војници кои достигнале дури 12.000, објавуваа дел од украинските медиуми.
Оваа пролет, јужнокорејските разузнавачки служби објавија дека нова група од 3.000 војници ја напуштила Северна Кореја и отишла во Русија.
Според британските разузнавачки служби, од март оваа година, севернокорејските трупи претрпеле повеќе од 5.000 жртви во битките против украинските вооружени сили во Курската област на Руската Федерација.
Скопје
Таксистите добиваат 200 електрични возила, Меџити го претстави проектот кој ќе го чисти воздухот

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес на работен состанок со Унијата за здруженија на таксисти го претстави проектот за субвенционирање на првите 200 електрични возила за таксисти, како дел од напорите на министерството за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт за граѓаните на Скопје и целата држава.
„Овој проект претставува конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт и е дел од стратегијата за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот“, истакна Меџити.
„Возилото што денес го претставуваме е електрично, со високи еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност“, додаде тој, нагласувајќи дека овие возила во неколку фази ќе ги заменат постојните кои користат дизел, бензин или гас – носејќи значителни придобивки за граѓаните, таксистите и животната средина.
Меџити информираше дека просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра, а Министерството ќе субвенционира 15% од сумата, односно околу 840.000 евра за првите 200 возила.
„Според еколошките експерти, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еквивалентно на садење на повеќе од 120.000 садници. Дополнително, ќе има значително намалување на урбаната бучава, особено во густо населени зони“, нагласи Меџити.
Тој додаде дека Министерството веќе ја иницирало програмата „Car Sharing“ со првите 100 електрични возила за јавна употреба, како и воведување на електрични тротинети и велосипеди во неколку градови.
„Во соработка со Европската Унија преку програмата ‘EU for Clean Air’, реализирана е донација од 6 електрични автобуси за Град Скопје, се зголемени капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и се засадени десетици илјади садници низ целата земја“, заклучи Меџити.