Црна хроника
Крадци украле предмети во вредност од 300.000 денари на Средно Водно
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против две лица за кражба на Средно Водно.
На 10 ноември, обвинетите, заедно со уште едно малолетно лице, од патничко моторно возило „јагуар“, со српски регистарски ознаки, паркирано на паркинг-просторот на Средно Водно, одзеле: женска чанта „гучи“, два пара очила „гучи“, еден пар очила „миу миу“ и парични средства во износ од 1.710 денари и 2.670 српски динари. Вкупната вредност на украдените предмети изнесува 300.000 денари. Обвинетите со употреба на погоден тврд предмет го скршиле стаклото од предната совозачка врата и од предното совозачко седиште ја одзеле ташната и го напуштиле местото.
Јавниот обвинител за првиот обвинет достави предлог за определување мерка притвор, а вториот обвинет веднаш е спроведен во КПУ „Идризово“ за издржување други казни. Против малолетното лице ќе биде спроведена посебна постапка во согласност со Законот за права на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнат вработен на наплатна рампа „Петровец“: напаѓачот ја скршил рампата и побегнал
Утрово во 01:02 часот во СВР Скопје е пријавено дека на наплатна рампа „Петровец“ во Скопје, вработениот Н.А.(45) бил физички нападнат од едно лице, кое употребило стаклен предмет и му нанелo повреди, по што со возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки ја скршило рампата и заминало.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Загина маж од Паланечко: изгубил контрола и паднал од мопед
Вчера во 11:00 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека на локалниот пат во с.Дурачка Река, кривопаланечко, кај место викано „Мушкаричина бавча“, 83-годишниот К.М. од с.Кошари, кривопаланечко, управувајќи мопед „томос“, изгубил контрола и паднал на коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Здравствен дом Крива Паланка, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што подоцна починал.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на Судска медицина за обдукција, а увид извршила увидна екипа на ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
Возел со 188 килoметри на час на место каде е дозволено 100: уапсен маж од Охридско
Вчера во 16:20 часот на магистралниот пат Кичево–Охрид, кај селото Ново Село, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Б.Л.(29) од селото Мешеишта, општина Дебарца, со престој во Германија.
При контрола со радар е констатирано дека управувал патничко возило „ауди“ со германски национални ознаки со брзина од 188 километри на час на место, каде максимално дозволена брзина е ограничена на 100 километри на час.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

