Топ
Тешка сообраќајка во Велес, загина 11 годишно девојче

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес ноќеска изврши увид на местото на сообраќајна несреќа на улицата „Борис Трајковски“ во Велес.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил кој се движел со голема брзина, на пешачки премин удрил во две лица – мајка и ќерка кои се наоѓале на крајот од преминот за да се качат на тротоар.
Од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главинов“ и од здобиените повреди починало.
Возачот кој што ја предизвикал сообраќајната несреќа воопшто не запрел, туку со голема брзина го напуштил местото на настанот.
Дежурниот јавен обвинител и полициски службеници од СВР Велес извршија увид на местото, подигнаа траги и разговараа со очевидци на настанот, а веднаш е издадена и наредба за обдукција на телото на починатото девојче.
По добиени сознанија за возилото и возачот – причинител на сообраќајната несреќа, СВР Велес по насоки на јавниот обвинител презема мерки за негово пронаоѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Зошто досега не се употребени хермелините“, прашува градоначалникот на Чучер Сандево, општината прогласи вонредна состојба

Општината Чучер Сандево прогласи вонредна состојба поради пожарите, објави градоначалникот појаснувајќи дека одлуката била донесена на денешната седница на општината.
Како што истакна градоначалникот Сашко Комненовиќ ситуацијата се уште е загрижувачка и опасна поради пожарот кој избувна помеѓу селата Блаце и Чучер Сандево, се до село Кучевиште.
„Ситуацијата е сериозна, динамична и бара постојано вклучување на сите расположиви ресурси. Пожарот зафати густа, нискостеблеста и мешана шума на многу непристапен терен“, вели тој.
Појаснува дека и силниот ветер го отежнува гаснењето на пожарот.
„Она што ме загрижува и што сакам да го алармирам е тоа дека забележувам спора реакција од надлежните институции во однос на гаснењето на пожарот. Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна”, рече тој.
Градоначалникот потсети дека вчера Владата презентираше некаква подготвеност за справување со пожарите со хермелините.
„Зошто досега не се употребени. Јас забележав само еден. Од вчера до сега се уште да не се стави под контрола пожарот кај Блаце и цело Чучер Сандево. Во моментов имаме три активни пожари. Аалрмирам на итна мобилизација. Како градоначалник на општината имам должност да се грижам за безбедноста на жителите“, потенцира тој.
Македонија
Чад се шири од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора, Ангелов смирува: Нема опасност за куќите во Чучер

Големи облаци чад се шират од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора. Забележливи се и од градските улици во Скопје, но сосема јасно се гледа каде чади од скопската обиколница, посебно од делот кај Волково.
Освен пожарот кој избувна синоќа над магистралниот пат кон Блаце во близина на Скопје, чад се крева од повисоки делови.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојаче Ангелов, попладневно од Чучер-Сандево испрати видеопорака во која вели дека нема опасност за куќите.
„Се наоѓаме веднаш над селото Чучер кое што е делумно загрозено од пожарот што избувна вчера во попладневните часови, но во овој момент, од она што можам да го видам нема реална опасност по околните куќи иако има неколку куќи кои се буквално во шума. Благодарение на храбрите локални жители и благодарение на две екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита и една екипа на Национални шуми, во овој момент нема опасност за селото и нема потреба за ширење паника. Паниката не ни помага“, рече директорот Англеов.
Тој се заблагодари на локалното население кое активно се вклучило во гасењето на пожарот покрај пожарникарите. Кажа дека манастирот Св. Никита, за кој на социјалните медиуми се ширеа вести дека е загрозен, е далеку од огнот. Ангелов вели дека дури и да почне да се шири огнот натака, ќе му требаат неколку часа за да стигне до манастирот, а на терен има и пожарникари и локално население.
„Пред малку беше ужасно, сега моментално е малку смирено. Моментално нема опасност за селото. Опасно беше над манастирот и во регионот каде што се викендиците“, вели локалецот Љубиша Стојковски кој го гаснел пожарот.
Додека тие зборуваа се слушнаа неколку експлозии за кои Стојковски објасни дека доаѓаат од сртот на планината каде што е забрането да одат луѓе.
Се уште се шири и пожарот кај Блаце кој избувна вчера, а попладнево Министерството за внатрешни работи целосно го сопре сообраќајот во делот Стенковец – граничен премин Блаце и го затвори граничниот премин.
Македонија
Поради пожар, целосно прекинат сообраќајот кон граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи известува дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Блаце.
„Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот“.
Апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираат јавноста.