Топ
Триесет милиони денари, три стана, земјиште и возила: замрзнат имот во Србија и во Македонија на осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“
Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9 октомври.
Јавното обвинителство соопшти дека од српските органи е побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага.
Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.
Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот.
Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Маж и жена, државјани на Македонија загинаа на автопатот Белград – Ниш
Двајца државјани на Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, пишува српски „Курир“.
Несреќата се случила кога патничко возило „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од патот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитната ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од коловозот.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

