Црна хроника
Три лица под сомненија за изнуда на пари од скопјанец
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против тројца осомничени за кривично дело – Изнуда од член 258 од Кривичниот законик.
Во периодот од 16 до 18 септември, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, употребил сериозна закана и присилил еден оштетен да му исплати 60.000 денари.
Осомничениот му се претставил на оштетениот како припадник на криминална група и побарал да му даде 1000 евра за да го заштити од други луѓе кои претходно му барале пари. Истовремено му се заканил да не пријавува во полиција, бидејќи ќе го убие и ќе му ја запали куќата.
Оштетениот првиот ден му дал 30.000 денари, бидејќи толку можел да извади од банкомат, а потоа сепак пријавил во полиција. Два дена подоцна, кога се договориле за преземање на остатокот од парите, банкнотите биле претходно крим-технички обработени. Веднаш по предавањето, осомничениот е уапсен на лице место и кај него се пронајдени парите.
Истрагата опфаќа уште две лица за кои, согласно доказите обезбедени до овој момент, обвинителството дојде до основано сомнение дека претходно, во текот на август и септември годинава, во повеќе наврати изнудувале пари од истото лице. Тие го уверувале дека парите посредно се наменети за други лица, со цел да не му наштетат нему и на неговото семејство, со што постои сомнение дека го присилиле да им исплати вкупно 27.000 евра.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје синоќа достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен кој беше фатен на лице место при извршување на кривичното дело, како и мерки на претпазливост – задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство за другите двајца осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

