Топ
Турски државјанин со живеалиште во Скопје осомничен за криумчарење на над 13 килограми злато на Табановце
Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по поднесена кривична пријава, донело наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин со живеалиште во Скопје, кој е осомничен за кривично дело криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија надлежните.
Осомничениот 55-годишник бил корисник на старосна пензија во Република Турција, додека во земјава бил ангажиран со договор на дело како возач на автобус во превозник од Скопје.
На 7 август осомничениот управувал со автобус на редовна линија Пореч, Р Хрватска – Гостивар РС Македонија.
На граничниот премин Табановце, преку царинска линија, при влез во земјава, се обидел да ја избегне царинската контрола и пренел непријавена стока од големи размери – златен накит, часовници и златни плочки во вкупна вредност од 36.305.644,81 денари.
Пратката со златни предмети претходно ја зел од хрватски државјанин и ја скрил во делот каде што се наоѓа вентилацијата на автобусот.
При контрола од овластени царински службеници таму биле пронајдени 18 пакувања во кои имало 97 златни прстени, 39 златни ѓердани, 133 златни белезици, 4 парчиња белезици со полускапоцени камења, 5 парчиња сини златни белезици, 8 парчиња жолти златни белезици, 5 парчиња гумени белезици со златни плочки, 5 парчиња часовници златни без механизми и нивни делови, 33 парчиња златни приврзоци, 91 парчиња златни обетки, 23 парчиња златни монети, 48 парчиња златен кршен накит, 73 парчиња златни плочки во правоаголна и друга форма и 3 пакети злато во гранули.
Златните предмети биле со вкупна тежина од 13,3 килограми.
Основно јавно обвинителство Куманово до судијата на претходна постапка на Основниот суд во Куманово поднело предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи, како што велат од таму, постои основан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Зеленски го покажа својот бункер од почетокот на војната и им испрати порака на Украинците
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео порака по повод четвртата годишнина од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина, потсетувајќи се на првите денови од војната, жртвите на руската агресија и силата на украинските војници и целиот народ.
Во видеото, тој ја покажа и внатрешноста на бункерот на улицата Банкова во Киев, од каде што им се јавил на светските лидери и побарал оружје во раните денови од војната.
„Денес се навршуваат точно четири години откако Путин го започна својот тридневен поход врз Киев. Самото ова многу кажува за нашиот отпор, за тоа како Украина се бореше цело време. Зад овие зборови стојат милиони наши луѓе. Зад овие зборови стои огромна храброст, неверојатно напорна работа, издржливост и долгиот пат по кој се движи Украина од 24 февруари“, рече Зеленски.
Во видеото, Зеленски ги покажа долгите ходници и канцеларии на бункерот каде што тој и стотици соработници одржуваа дневни воени брифинзи, телефонски повици и бараа решенија.
„Нашите луѓе не го кренаа белото знаме, туку го бранеа сино-жолтото. А окупаторите, кои мислеа дека тука ќе бидат пречекани од масите со цвеќиња, наместо тоа видоа редици пред регрутните центри. Нашиот народ избра отпор“, рече Зеленски.
„Нашите воини останаа непоколебливи, а цивилите ги бранеа градовите и селата, улиците и дворовите. Обичните луѓе буквално формираа човечки ѕидови, запираа колони од воени возила и заедно го покажаа единствениот правилен пат кон залутаната Русија“, се присети тој на првите денови од војната.
Тој, исто така, се потсети на првите жртви на руската агресија во Буча, Ирпин, Бородјанка, Мариупол и други градови, масовните гробници и нападите врз станбени згради и породилишта.
„Мажите не се борат вака. Луѓето не се однесуваат вака. Украинците нема да го заборават ова. Нека овие видеа ги видат сите што немаат грижа на совест, сите што сè уште му подаваат рака на руското зло и сè уште купуваат нафта од Путин“, рече претседателот.
Зеленски нагласи дека Украина поминала долг пат, од потпирање на донирани панцири до напредни системи како што се борбени авиони „Патриот“, „Ирис-Т“, „НАСАМС“ и „Ф-16“, како и сопствено оружје со долг дострел.
Украина денес произведува повеќе од 3 милиони беспилотни летала годишно, соборува стотици беспилотни летала „Шахед“ за една ноќ и е способна да спроведува големи операции.
Претседателот, исто така, им оддаде почит на паднатите украински бранители.
„Драги луѓе, силата што нè одржуваше сите овие години сте вие. Нашиот народ. Нашиот отпор сте вие. Украински мажи. Украински жени. Сите што не се откажуваат. Нашите очи можеби се уморни, но грбот не ни е скршен. Сакам да им се заблагодарам на сите што ја носат независноста на своите рамена. На секој воин за вашата сила. На вашите родители, вашите деца, вашите сопруги и сопрузи за нивната издржливост“, рече тој.
„Им се заблагодарувам на сите чија работа ја прави Украина посилна. На оние што враќаат светлина и топлина во нашите домови. На оние што лекуваат. На оние што волонтираат. На оние што предаваат. На оние што учат, на универзитети или во училишта, и кои го учат најважното нешто: да се биде човек, да бидат Украинци. Горд сум на вас. Верувам во секој од вас. Во сите вас на кои, без никакво претерување, имам чест да им кажам: Големи луѓе на голема Украина“, рече тој.
Тој додаде дека Украина се соочува со „најсуровата зима во историјата“, но дека „пролетта е за помалку од една недела“. „Путин не ги постигна своите цели. Тој не ги уништи Украинците. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја зачувавме Украина и ќе направиме сè за да обезбедиме мир и правда“, заклучи Зеленски.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Македонија
Артан Груби ќе одговара за милионскиот криминал, следува одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ
По повеќе од година дена поминати во бегство на граничниот премин Блаце е приведен поранешниот вицепремиер во коалицијата на СДС и ДУИ, Артан Груби, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се поврзува со сериозен криминал и корупција во периодот на владеење на СДС и ДУИ.
Осомничен е, како што велат, за проневера во службата за случајот со државна лотарија.
„Штетата на државата од неговите постапки е над 8 милиони евра со индиции сумата да биде и значително повисока.
Во јавноста беа изнесени сомнежи дека заедно со тогашниот директор на Државна лотарија, Бајрами, биле спроведувани спорни тендерски постапки и исплаќани аванси кон деловни партнери.
СДС знаеле за криминалот на Груби и молчеле и не реагирале.
СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби тоа го потврди и извештајот на ДЗР.
Јавноста очекува институционална разрешница“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, борбата против криминалот и корупцијата е приоритет, а секој што постапувал спротивно на законот ќе мора да одговара согласно правниот поредок.

