Топ
Уапсен 71-годишен маж, предизвикал два пожара во Демиркаписко

Полицијата уапси 71-годишен маж кој предизвикал пожари во Демиркаписко.
Според информациите на МВР, вчера во 18 часот полициски службеници го уапсиле Н.М.(71) од Демир Капија поради сомнение дека во два наврати предизвикал пожари.
Имено, тој се сомничи дека во 10 часот предизвикал пожар на место викано „Горна Лака“ во близина на Демир Капија, од кој биле зафатени сува трева, нискостеблеста шума и два лозови насади.
Исто така, тој се сомничи дека околу 15 часот во близина на истото место предизвикал пожар од кој биле зафатени шума и земјоделска површина.
Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Неготино, а повредени лица нема. Н.М. е задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието одлучи по скратена постапка да бидат донесени измените и дополнувањата на Изборниот законик

Собранието денеска одлучи по скратена постапка да бидат донесени измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои, меѓудругото, го регуралираат учеството на независните кандидати на претстојните локални избори. Наместо еден отсто, со измените се превидува – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 0,95 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ).
Со измените се предвидува и кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство, да се соберат најмалку 1 000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.
Откако го утврдија дневниот ред на собраниската сеница, на кој единствена точка е ова законско решение, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да одржат седници на кои ќе ги разгледаат измените и дополнувањата, а потоа за нив ќе се гласа на пленарната седница чие продолжение ќе биде дополнително закажано во текот на денот.
Предлагачи на измените и дополнувањата се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери Сафаи од коалицијата ВЛЕН. За да се донесе законот по скратена постапка гласаа 65 пратеници, а 17 беа против, воздржани пратеници немаше. Пратениците од СДСМ присутни во салата дадоа поддршка законските измени да се донесат во скратена постапка, додека пратениците од Европскиот фронт и другите опозициски партии од албанскиот блок беа против.
-Со ова решение се обидуваме да ја пополниме оваа правна празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од страна група избирачи за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина поддеднакво. Ова е обид за појасни фер и трансарентни изборни равила за овие избори. Нагласувам и најавувам дека ова е времено решение за овие избори и оти работата на конечниот Изборен законик ќе биде со вклучување на Министерството за правда, сите релевантни политички структури, политички партии, невладини организации и експерти за носење на долгорочно и одржливо речение, рече Мицевски образложувајќи го предложеното законско решение.
Со предложеното законско решение, се дефинираат и интернет порталите согласно Законот за медиуми, со што, според него, би се регулирала и регистрацијата на електронските медиуми во платено и политичко рекламирање.
-Бидејќи процесот за донесување апликации до ДИК е почнат, а има одредени реакции од ваквиот вид медиуми, ќе интервенираме и со амандман за истата одредба да важи од 11-ти 2026 година. Со ова може да дозволиме на сите електронски медиуми кои учествуваат во платеното политичко рекламирање на овие избори да имаат еднакви права и услови а подоцна да бидат регулирани, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Со овој закон се врши и усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Претходно ДИК на седница минатата сабота усвои заклучок вон сила да се стави Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик. Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа Упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.
Македонија
Им побарал 10.000 евра за да им среди во постапки во Кривичен и Апелационен суд во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, од април до август годинава осомничениот примил награда од 10.000 евра за да со искористување на своето претпоставено влијание интервенира да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, односно наводно да влијае врз одлуки во граѓански судски постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје.
-Сведок-пријавител кој во граѓанската постапка е управител на правно лице, како што велат од Обвинителството, почнал да добива информации дека спротивната страна во судскиот спор врши сериозно влијание врз судиите кои одлучувале во првостепените и второстепените постапки давајќи поткупи за да се донесат одлуки во нивна полза. Сакајќи да ги провери таквите информации, од свој познаник-пензиониран судија добил контакт од осомничениот, кој му бил претставен како „лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелациониот суд Скопје“, се наведува во соопштението.
Сведокот и неговиот брат, како што велат од Обвинителството, се сретнале со осомничениот кој директно им побарал 16.000 евра за да се заврши спорот во корист на правното лице – семејната фирма на сведокот.
– Осомничениот ги уверувал дека другата страна давала многу повисоки износи, но судиите не сакале да се нафатат за да пресудат нешто што не било правно основано. Бидејќи сведокот му кажал дека не може да обезбеди толку пари наеднаш, се договориле за исплата на три рати. На 30 април, чувствувајќи дека нема друг избор, сведокот му дал на осомничениот 5.000 евра, по што осомничениот го уверувал да не се грижи за исходот и целиот период биле во комуникација во врска со постапката. Во тој период сведокот решил да ја пријави трговијата со влијание и при следната исплата на 5.000 евра, осомничениот е лишен од слобода веднаш по приемот на парите, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, ценејќи дека се исполнети законските основи.
Македонија
Левица: Штрајкот во пералната на Клинички центар е аларм за распад на јавното здравство

Штрајкот на вработените во пералната на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е аларм за целосен распад на јавното здравство, предупредуваат од партијата Левица. Според нив, болниците се во хаос, операциите доцнат, недостасува чиста облека, а пациентите се изложени на ризик од зарази, додека министерот за здравство Азир Алиу останува пасивен и без конкретни одговори.
„Клучното прашање е кој управува со пералната – приватната фирма ‘Скопстер’, позната по енормно високите цени и протуркана од поранешниот министер Арбен Таравари, или пак Службата за општи и заеднички работи? Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, вработените остануваат без плати, без здравствено осигурување и со неизвесна иднина,“ велат од Левица.
Тие додаваат дека постои сомнеж за финансиско „перење раце“ меѓу институциите, кои си фактурираат високи суми за услуги, додека интересите на пациентите и вработените се оставаат на страна.
Од Левица потсетуваат и дека, во исто време кога здравството е во хаос, Владата предводена од Христијан Мицкоски најавува ново задолжување од една милијарда евра. „Резултатите во здравството се поразителни – нема нови инвестиции, нема капитални проекти и нема реформи,“ посочуваат од партијата.
Како решение, тие предлагаат инвестирање во современа перална и стерилизација по примерот на Клиниката за гинекологија и акушерство, што, според нив, би значело намалување на трошоците, помалку инфекции и побрз третман на пациентите.
„Очигледно е дека партиите на олигархијата свесно го рушат јавното здравство за да создадат простор за профит во приватниот сектор, каде цените се енормни. На крајот, најголемата штета ја плаќаат граѓаните, кои цел живот издвојувале средства за здравствениот фонд, а сега се приморани да плаќаат скапи услуги во приватни болници,“ велат од Левица.