Топ
Убиен лекар на паркингот пред Поликлиниката „Железара“, синовите го нашле со убодни рани на телото

Вчера, во 23.09 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“, со скопски регистарски ознаки, на паркингот пред Поликлиниката „Железара“, со убодни рани на телото бил пронајден А. Т. (67) од Скопје.
Според пријавеното, тој бил пронајден од своите синови, кои почнале да го бараат откога тој не се вратил дома од работа. Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петмина добија труење од храна откако јаделе во сендвичарница во Штип

Пет лица пријавиле симптоми на труење со храна по јадење сендвичи со пилешки стек во сендвичарница–киоск во Штип, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на резултатите од лабораториските тестирања.
Случајот бил пријавен од Центарот за јавно здравје Штип, по што инспекторите на АХВ извршиле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна.
Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини. Објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати – велат од АХВ.
Граѓаните кои се пожалиле на симптоми на труење побарале медицинска помош, а здравствените служби го следат нивното здравствено состојба.
Од Агенцијата нагласуваат дека инспекциските служби ќе продолжат со контроли за да се обезбеди заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.
Топ
Се заканувал дека ќе ја убие неа, братот и мајка ѝ ако не му даде 15.000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека во последните 2 месеца вршело кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, телефонски и преку пораки на различни апликации упорно контактирал жена во странство, и упатувал сериозни закани по нејзиниот и по животот на нејзините мајка и брат, доколку не му исплати 15.000 евра.
На оштетената и дал рок до 26.09 за исплата на парите, па се договориле да му испрати 500 евра по Вестерн унион, што таа го направила на 17 септември. За исплата на дополнителни 4.500 евра требало да дојде во земјава и да му ги предаде пред Клиниката за онкологија.
Кога пристигнала во земјава на 25 септември оштетената веднаш го пријавила. Штом дошол на договореното место да ги земе парите, осомничениот 37-годишник бил приведен.
Имајќи ги предвид сите околности, опасноста од бегство, можноста да влијае врз сведоците и оштетените или да го повтори делото, јавниот обвинител предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
Свет
Русија изврши масовен ракетен и беспилотен напад врз Киев и други украински градови, има многу жртви

Ноќеска Русија изврши масовен ракетен и беспилотен напад врз Киев и други украински градови, користејќи тешки бомбардери. Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, дури и во региони далеку од линијата на фронтот.
Украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави дека Русија употребила стотици беспилотни летала и ракети во овој напад. Според извештаите на украинските медиуми, пет руски бомбардери Ту-95 полетале од аеродромот Олења во регионот Мурманск околу 1:45 часот по локално време. Недолго потоа, околу 2:25 часот, Воената администрација на градот Киев предупреди за лансирањето на авионот МиГ-31К, што предизвика тревога низ целата земја.
Украинските воздухопловни сили дополнително во 3:52 часот наутро известија за веројатното полетување на бомбардерот Ту-95 од воздухопловната база Енгелс. Во текот на ноќта, бројни украински региони беа под закана од роеви беспилотни летала од типот „Шахед“, а експлозии беа регистрирани во Киев, Киевската област, Запорожје, Хмелницката област и Суми.
Најголема штета е регистрирана во Киев и Запорожје. Во главниот град, делумно е уништена петкатна зграда, а оштетена е станбена инфраструктура во неколку градски области, потврди началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко. Оштетени се и нестанбени згради и паркирани автомобили. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести дека најмалку пет лица се повредени и хоспитализирани.
„Ракети сè уште паѓаат врз градот“, рече тој, апелирајќи до граѓаните да останат во засолништа. Пожари избувнаа во неколку куќи и згради во близина на Киев. Во градот Фастив, пет работници беа повредени во пекарница која се запали за време на нападот. Во Запорожје, регионалниот центар на делумно окупираната област, руските сили нападнаа цивилна инфраструктура, изјави гувернерот Иван Федоров.
Девет куќи, 14 станбени згради, едно училиште и неколку производствени погони беа оштетени. Пет лица беа повредени во два напади во текот на ноќта.