Топ
Убиство во Градско: пукано во двајца велешани, едниот почина
Се карале пред куќа, па по кавгата, 61-годишен жител на селото Подлес, во близина на Градско, вчера, убил еден, а ранил уште еден велешaнeц.
Жртвите, според последните информации, попладнето дошле пред неговата куќа и имале расправија со 61-годишниот маж. Веднаш по кавгата, човекот извадил пиштол и пукал кон двајцата велешани.
Пукајќи со пиштол, тој убил едно од лицата, а другиот бил тешко ранет.
Загинатиот 42-годишен маж е со иницијали М. Д., кој од добиените повреди починал во амбулантата во Градско, а 44-годишниот М. В. со тешки телесни повреди е пренесен во болницата во Велес.
Информацијата ја потврдија и од СВР Велес.
„На 12.6.2023 во с. Подлес, општина Градско, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода С. И. (61) од с. Подлес. Околу 16.10 часот пред неговата куќа, тој, по претходна расправија, од пиштол „црвена застава“ испукал неколку куршуми кон М. Д. (42) и М. В. (44), двајцата од Велес. Од добиените повреди во амбулантата во с. Градско починал М. Д., а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош, а М. В. добил тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Велес за укажување помош. Пиштолот бил пронајден и одземен, а С. И. бил задржан во полициска станица. Увид на местото извршиле екипа од СВР Велес и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, велат од МВР за „Макфакс“.
61-годишниот С. И. е уапсен, а на местото на настанот е извршен увид од страна на екипа од СВР Велес и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Еден од министрите, секој ден плаче и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, вели Арсовска
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи го повикува Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да постапи по, како што вели, „доказите за криминал“ кои се однесуваат на актуелни случаи поврзани со дивоградби.
„Го повикувам Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да ги оправда тие 2% доверба кои ги има обвинителството кај граѓаните и да постапи по доказите за криминал.
Во спротивно, вели Арсовска, креира опасен преседан.
„Ќе започнеме сите со капитални проекти за градење безбедни дивоградби и обезбедување гратис станови со џабе вода и џабе струја за оние на кои не им е решено станбеното прашање. И нема да смеат да ни писнат, ни да прашаат од кај се парите.
Плус ќе треба да им се извинат на сите кои ги казниле, им срушиле објект или отслужуваат казна за бесправна градба.
Затоа што еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, еве повеќе не ве повикувам да постапите. Ве виде народ, се девалвиравте бидејќи не смеете да му писнете на Висар Ганиу“, пишува Арсовска.
Македонија
(Видео) Илјадници пластични шишиња во Вардар, од Министерството за животна средина велат виновни се слабите комунални услуги
Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека појавата на пластичен и друг амбалажен отпад во реката Вардар и другите водотеци се должи на незадоволителното ниво на комунални услуги, особено во руралните средини. На ова претходеа видео снимки на кои може да се забележат илјадници пластични шишиња во реката.
Од ресорното министерство нагласуваат дека во овие подрачја е евидентно присуство на диви депонии на јавни површини, за чија санација и контрола се надлежни општините и нивните инспекциски служби.
Министерството и Државниот инспекторат за животна средина, како што се наведува, континуирано укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од редовно следење на состојбите со управувањето со отпадот и засилено присуство на општинските инспектори на терен.
Во моментов, Државниот инспекторат е во фаза на подготовка на измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување единствен систем на инспекциски надзор што ќе овозможи поефикасна контрола во оваа област.
Министерството апелира до општините, комуналните претпријатија и граѓаните за заедничка одговорност и делување во насока на зачувување на чистотата на реките и водните текови.
Македонија
Обвинителството побара притвор за директорот и за управителот на „Комунална хигиена“
Скопското обвинителство побара притвор за в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и за еден управител за отпад во претпријатието во рамките на истрагата што се води против нив за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на град Скопје, како и на обврските предвидени во оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на оперативниот план за одржување на јавната чистота во градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето комунален отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле во текот на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и ги довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.
„Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, соопшти Обвинителството.

