Топ
Убиство во Кавадарци, тројца уапсени

Денеска во 04:56 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на улицата „Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето П.Т.(43) од Кавадарци, кај кое и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 05:15 часот констатирала смрт.
Набргу потоа, а поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци. Тие биле приведени и задржани во полициска станица.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото, на надзорните камери од казиното и по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски за „Политико“: Државата не е подготвена за уставните измени што ги бара Бугарија без цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното такво барање

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за политичкиот магазин „Политико“.
Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството. „Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, додаде министерот.
Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан. „Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, изјави Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.
Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно. „Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион.“
Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски зборуваше и за поддршката што Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.
Свет
Макрон до Нетанјаху: Обвинувањата за антисемитизам се навреда за Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон испрати писмо до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кое остро реагираше на неговите обвинувања дека Париз го поттикнува антисемитизмот. Писмото го објави францускиот весник „Ле Монд“.
Макрон го прекори Нетанјаху за објавување на содржината на преписката до медиумите пред францускиот лидер дури и да го прими писмото. Во својот одговор, францускиот претседател го обвини израелскиот премиер за манипулирање со терминот „антисемитизам“ и потсети на бројните мерки што Франција ги воведе за заштита на Евреите и борба против сите форми на омраза.
– Париз остана и останува длабоко посветен на безбедноста на Израел. Затоа обвинувањата за наводна неактивност во услови на оваа катастрофа се неприфатливи и претставуваат навреда за цела Франција – истакна Макрон.
Нетанјаху претходно ја осуди одлуката на Франција да ја признае Палестина, предупредувајќи дека таков потег „поттикнува тероризам и носи ризик од создавање уште една иранска марионетска држава, слична на она што се случи во Газа“.
Фото: принтскрин
Македонија
Пожар кај „Зебра“, огнот зафатил возило

Пожар избувнал ноќеска во главниот град во близина на трговскиот центар Зебра.
Според последните информации огнот се проширил и зафатил возило на улицата Васил Ѓоргов во Скопје.
На местото на настанот биле присутни противпожарни возила кои го гаселе пожарот.