Црна хроника
Уште седуммина од наркогрупата од Грчец се спогодија со обвинителството
Jaвното обвинителство информира дека по спогодбите со седуммина припадници на групата за шверц на дрога, осомничени во предметот „Планина“, склучени се спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.
Потсетување, станува збор за акцијата во која беа уапсено 21 лице, за кои потоа обвинителката Вилма Рускоска кажа дека биле продавачите на дрогата, а не и главните наркобосови.
Наркобосовите избегаа, а за акцијата обвинителката кажа дека била пробиена. Тие успеале со себе да ја понесат и дрогата, а во моментот на спроведување на акцијата, локациите каде што се чувала биле исчистени.
Новите седуммина од уапсените кои прифатиле да се спогодат биле запознаени со доказите со кои обвинителството располага и го признале извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.
Врз основа на тоа се прогласени за виновни за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, информираат од Обвинителството.
„Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор, и тоа:
– на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела, во траење од пет години;
– на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела, во траење од по три години и шест месеци и
– на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани, во траење од по три години“, се наведува во соопштението.
Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година, наркогрупата неовластено купувала кокаин, хероин и марихуана, а дрогата ја криеле на безбедни локации во селото Грчец.
Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која се опфатени и останатите осудени и осомничени лица.
Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови.
Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, продавачите ги известувале босовите И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, а кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5.000 денари по грам за кокаин и од 12-15.000 денари за 100 грама марихуана.
Како предмети што се употребени за извршување и што потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно возило „ауди 3“, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ-картички, 13 СИМ-картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.
Обвинетите што се спогодиле со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

