Топ
(Фото) Претрес во Скопје, пронајдена дрога, приведен дилер

На 19.10.2024 полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во координација со СВР Скопје- Единица за недозволена трговија го лишиле од слобода М.Л.(27) од Скопје.
При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, а во кој било употребено и службено куче, биле пронајдени и одземени две пакувања со околу 140 грама амфетамин.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот СВР Скопје ќе поднесе соодветна пријава по член 215 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Српскиот министер кој доживеа мозочен удар во емисија е свесен, но сè уште е во критична состојба

Министерот за јавни инвестиции на Србија, Дарко Глишиќ, се разбуди по операцијата поради мозочен удар и е свесен, но има тешкотии со говорот, објавија медиумите.
Министерот сè уште е во опасност.
Глишиќ вчера утрото доживеа мозочен удар за време на гостувањето во живо на ТВ Пинк, а како што најави министерот за здравство Златибор Лончар по операцијата во Клиничкиот центар на Србија, следните 24 часа се клучни.
„Операцијата е завршена, траеше подолго од очекуваното, но најважно е што она што сакавме да го постигнеме со процедурата беше успешно. Исклучително комплицирана операција, работеа неколку тима, имаше и тромб и крварење, интубиран е, на респиратор и на одделението за интензивна нега, каде што борбата за неговиот живот ќе продолжи. Најважно за нас беше да ја решиме блокадата на крвниот сад, тоа е крвниот сад што ја пренесува крвта до мозокот, говорниот центар, а без тоа, немаше да има шанси. Има уште еден сад кој исто така беше проширен и во него има тромбна маса, која крвареше. Тоа беше нашата главна задача, да го решиме тоа. Следува период кога неговото тело мора да се бори и да се справи со она што го доживеал. Се јави навреме и тоа беше направено во првите неколку часа“, рече Лончар.
Тој додаде дека министерот сè уште е во сериозна состојба.
„Мораше да биде интубиран, на респиратор. Сè уште е на интензивна нега, на респиратор. Следува сериозна борба. Луѓето кои работеа, нашите експерти се задоволни. Извршени се интервенции кои се изведуваат во неколку центри во светот. Причината е елиминирана, но ќе видиме како ќе реагира неговото тело. Не ме прашувајте за прогнозата, се бориме час по час, наша работа е да го правиме она што медицината го знае“, рече Лончар.
Топ
Извршил обљуба врз деветгодишно девојче: уапсен скопјанец

Вчера полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Л.О.(32) од скопско село.
Полицијата постапила по претходна пријава дека во друго скопско село, тој извршил обљуба врз деветгодишно девојче од селото.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира полицијата.
Топ
Семејството го барало неколку дена, во куќа во Кавадарци пронајден починат маж покриен со земја

Полицијата пронајде починат 42-годишен маж во Кавадарци, постојат сомненија за убиство.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид во куќа во која беше пронајдено безживотно тело на 42-годишен маж.
Телото било пронајдено покриено со земја и предмети во помошни простории, што првично упатува дека смртта е резултат на кривично дело, велат од обвинителството.
Семејството се обидувало неколку дена да го лоцира сега починатиот, кој живеел сам.
Со цел расчистување на настанот, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот. Од лице место подигнати се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Се издаваат наредби и насоки за откривање на сторител.