Топ
12 лица го прекршиле полицискиот час, 408 казни за неносење маски
Во првата вечер од полицискиот час, кој трае во периодот од 22 до 5 часот наутро, истиот го прекршиле 12 лица, информираат од МВР.
Синоќа дел од раководството на министерството, предводено од министерот Оливер Спасовски направи увид во спроведувањето на забраната за движење во Скопје, Тетово, Куманово, Велес и други градови.
Од МВР информираат и дека во текот на изминатото деноноќие, по однос на мерката за носење заштитна маска како превенција од коронавирусот, регистрирани се 408 прекршоци.
Министерството воедно апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата за спречување на ширењето на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пропустите кај овој човек се шокантни, со докази ќе покажеме што се бил спремен да направи за профит, рече обвинителот за сопственикот на дискотеката
По повеќе од четири часа евиденција на сите присутни попладнево почна судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени.
Обвинителството кое го преставуваа 15-мина обвинители на денешното рочиште го даде воведниот збор.
Буре барут, безбедносна смртоносна стапица, колективно непостапување и неодговорност, не само кобната ноќ, туку од 2012 година навака, беа зборовите што провејуваа во воведот. Обвинителот Борче Јанев кажа дека доказите говорат за измината декада без контрола, без надзор и без постапување од сите надлежни институции. Тој рече дека се вратиле до 2012 година која за него вели дека е нулта точка и од таму почнува непостапувањето.
Потсети дека во 2012 година Дејан Јованов сопственикот на магацинот за текстил решил да го претвори во дискотека и направил прокет и првпат побарал лиценца но овој прв обид бил и единствениот кој бил одбиен од инстутициите. Јованов не ја добил лиценцата, но како што рече обвинителот, не седел со скрстени раце туку за две недели повторно побарал лиценца и ја добил.
„Пропустите кај овој човек се шокантни. Со докази ќе покажеме што се бил спремен да направи за профит“, рече обвинителот Јанев.
Но овој човек, успешно вегетирал и опстојувал со години, како низ слалом ги нижел, заобиколувал и ги одстранувал сите институционални препреки, бариери и безбедносни правила.
Се што посакал тоа и го добивал, таму каде што знаел дека не можел да пробие и да го изигра законот, не се ни обраќал, немало потреба, сите документи кои морал да ги има, не ги обезбедувал затоа што никој не му ги барал.
Таму каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати тоа и го имал, консултанти, доушници, логистичари.
Во најтесна закрила до него ги подредил неговиот кум, неговиот брат па дури и сопственото дете, сите впрегнати да работат и да кршат закони по негова замисла. И никој на овој човек, никогаш не му застанал на пат. последиците одамна имале опасен и хаотичен, но целосно предвидлив тек.
Во овој настан согледан во сиот обем уште во почетоците на неговото истражување, беше повеќе од јасно дека должноста молчела поради што последицата станала само прашање на време.
Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување по однос на безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на делување, директно биле повикани: локалната самоуправа односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот и пазарен инспекторат, Министерството за економија’, рече тој.
Оцени дека заедништвото во соизвршителските дејствија не мора да настапат истовремено и договорно, не мора ниту меѓусебе сторителите да се познаваат. Според него, во овој случај не затаиле само обвинетите кои биле на должност во време на настанување на последицата.
Станува збор, како што појасни Јанев за сукцесивно надоврзувани пропусти преку кои се огледа супстратот на заедништвото.
„Битен е обемот на пропустите и дали истиот има релевантен контекст и континуитет во непостапувањето. Ова обвинение е одраз на она што навистина се случувало. Безбедноста нема мандатна природа и истек на важност. Секој од овие обвинети е повикан на одговорност поради неделување во моментот кога имал правна должност тоа да го стори. Секој поинаков заклучок лесно западнува во невиден апсурд и во правен ќорсокак. Затоа ќе докажеме дека се апсолутно безмислени тезите дека овде на одгорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме ниту морално ниту законско право одговорноста да ја бараме и да ја насочиме само кон тој во чие време се случила последицата. Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите одговорни и службени лица кои не биле на должност во време на настапување на последицата, само поради тоа немаат вина. Иако се работи за исти повторувачки пропусти, меѓусебно надоврзувани во континуитет и доказите тоа јасно го покажуваат“.
Како што истакна „ако објектот ги исполнувал стандардите, ако вратите биле доволни и проодни,
ако плафонот и ѕидовите не биле обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имало функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција, пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда. На Дејан Јованов и на сите останати обвинети одговорни лица околу работењето на клубот Пулс, опасносите кои постоеле им биле добро познати“, додаде обвинителот.
Тврдиме како што рече, дека отсекогаш дискотеката „Пулс“ работела спротивно на секој стандард, на секој правилник, на секој Закон и на секоја здраворазумна логика и принцип на одговорност.
Дигиталната судница во КПУ „Идризово“ беше преполна, покрај 35 обвинети физички и три правни лица и нивните бранители и медиумите, првото судење го следеа некои од роднините на починатите.
Со длабоки и болни воздишки искажаа незадоволство кога бранителите на почетокот на судењето побараа одложување, оти обвинителството достави интегрирано обвиниение и нова ажурирана листа на докази откога судот ги спои постапките за пожарот и за сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Обвинителот Јанев кажа дека обвинијата се исти а достави нова листа на докази од која се исфрлени вербалните докази кои се повторуваат. Бранителите на обвинетите тоа го искористија за веднаш на почетокот на судењето да побараат одлагање но судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати предлогот на обвинителството.
Роднините и родителите на загинатите по завршување на судењето со аплауз го поздравија воведниот дел од обвинителството и повеќе пати повторија со кои аргументи бранителите ќе ги бранат обвинетите.
Македонија
(Фото) Пожарникарите спасија лица заглавени во автомобил по излевањето на Пчиња
Пожарникарите спасија лица заглавени во автомобил по излевањето на Пчиња кај бањата „Стрновац“ во општина Старо Нагоричане.
„На 19.11.2025 година, во 7.35 часот, по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во с. Стрновац, општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, ТППЕ Старо Нагоричане интервенира со едно возило и двајца пожарникари“, објави Територијалната противпожарна единица.


Од таму апелираат граѓаните на општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња во општина Старо Нагоричане, а доколку се здогледа лице во опасност поради временските услови, да се јават на телефонските броеви: 031 495 666 или на 112 и на 193.

ЦУК – Куманово, пак, извести дека е добиена информација оти на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бањата „Стрновац“, реката Пчиња се има излеано од своето речно корито за 20-ина сантиметри.

Во моментот излевањето не зафаќа куќи или викендици.
Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање поголема количина дрвја, што го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња. За состојбата е навремено известено „Водостопанство“ – Куманово, кое ќе постапи во согласност со своите надлежности.
Македонија
(Видео) Со која свест и со кое лице адвокатите на обвинетите за пожарот во „Пулс“ ќе се ситат и ќе земаат крвави пари, прашува таткото на загинатиот Андреј Стојанов
„Јас сум родител на едно од трагично убиените деца“, изјави таткото на Андреј Стојанов, едно од загинатите момчиња во пожарот во дискотеката во Кочани, на првиот ден на судското рочиште.
Момчето, раскажува татко му, работело како програмер.
„Сега од Кочани доаѓаме како оштетени јас и сите родители на децата што настрадаа во катастрофата во Кочани на судско рочиште, кое почнува денеска. На самиот почеток наидуваме на еден голем скептицизам и разработена игра, шема на претставници на авдокати и на обвинети, кои манипулират на разни можни начини да ја продлабочат нашата болка. Ние сме направени како фигури. Нашите деца ги нема и нас да нѐ однема на некој начин така кажано за да нема ниту кој да оди на нивните гробови“.
Ме чуди, вели тој, со која свест и со кое лице адвокатите на обвинетите ќе се ситат и ќе земаат крвави пари и со која гордост ги даваат изјавите дека ова судско рочиште ќе трае 15-20 години.
„За нас, и 15 дена или 15 месеци се многу, веќе осум месеци поминаа. Ние родителите се чувствуваме изманипулирано и стравуваме дека нашата ситуација ќе излезе како ‘Ласкарци’, како автобусот во Бугарија, како модуларната болница, а кога имавме средби со премиерот и со министерот за внатрешни работи, ни беше кажано дека случајот во Кочани е врв на сите криминали и лоши настани што се случиле и дека мора да се направи рез и ако не се направи тој рез, ние како држава не треба да постоиме“.
За нас родителите, додава таткото на Стојанов, ова е еден од најважните испити за државата.
„Но, како минува времето, нас нѐ ставаат на страната на заборавот (тие си имаат место кај да си плачат, нека си ги гледаат гробиштата, јавноста да не ја замараат). Се чувствуваме исцрпено и омаловажено, а уште на самиот почеток на судското рочиште гледаме како познати адвокати во македонската јавност, сега бранители на обвинетите, со кои разработени шеми и математики дејствуваат и на кој начин сакаат нас оштетените начисто да нѐ уништат. Нека им служи на чест“, истакна тој.

