Црна хроника
Рамковски падна во „Пајажина“
По апсењето на сопственикот на А1 телевзија, Велија Рамковски и управителите на фирмите кои се наоѓаат на Перо Наков, МВР во соработка со Управата за јавни приходи и финансиската полиција денеска ја разјаснува, според нив, криминалната шема на Велија.
Десет фирми нелегално заработиле околу 18 милиони евра, а со неплаќањето на данок, државниот буџет го оштетиле за околу четири милиони евра. Полицијата ги откри во операцијата под оперативно име „Пајажина“.Од анализите на документацијата и се друго што беше запленето на 25 -ти минатиот месец полицијата открила злосторничко здружување, перење на пари и затајување на данок.„Од обезбедените докази, утврдено е дека еден ден од нелегално остварените приходи, пријавените ги исплаќале на вработени во наведените друштва, без да бидат платени законски предвидените придонеси. Во истиот период, пријавените преку однапред направен план, намерно во неликвидност ги довеле и шестте правни субјекти и тоа „Време Еч“, „Синим“, „Тргокос“, „Стратус“, „Време Трејд“ и„Акс-стра“ со намера да ги оштетат доверителите кои не успеале од нив да наплатат побарувања во износ од близу 140.000.000,00 денари, бидејќи целокупниот имот на наведените друштва бил префрлен без економски основ и реален доверително – должнички основ на други друштва кои ги контролирале пријавените“ изјави портпаролот на полицијата Иво Котевски.Освен овие фирми за нелегална заработкa биле користени А1 плус, Трго Ком (поранешна Б1), А2, Хедис маркети и Хедис.„Досега е констатиран неевидентиран промет на добра и услуги, издадени фактури со неверодостоен промет кои не се евидентирани кај издавачите на фактури, а се евидентирани кај примателите, издадени фактури на други даночни обврзници со неверодостоен промет, кои не се евидентирани во деловните книги. Врз основа на ова е утврдена даночна основица, односно станува збор за нелегален приход од 1,74 милијарди денари поточно во евра 17,479 милиони евра.“ рече директорот на УЈП, Горан Трајковски.Сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски синоќа беше уапсен во телевизијата заедно со директорката на А1 телевизија, Анета Кочишки, братот на Велија Рамковски, Амди Рамковски, најстарата ќерка на Рамковски, Ѓултен Џемаили една од управителките на фирмите, во чиј стан во Чаир беа најдени пари и документи и други управители фирми.Полицијата поднесе кривични пријави против 23 физички лица кои биле вмешани во криминалот со фирмите кои се наоѓаат на улицата Перо Наков.Од нив 16 се приведени, а седум се во бегство. Меѓу осомничените има и петмина странски државјани, четворица се од Косово и еден турски државјанин. Приведените моментално се наоѓаат пред истражен судија кој треба да реши дали ќе им одреди мерка притвор или пак ќе се бранат од слобода.Освен кривичните пријави за физичките лица, кривични пријави се поднесени и против 10 правни лица, односно фирми.Пред неполн месец телевизијата А1 објави дека полицијата извршила упад во нивните простории без да објасни за што се работи. Главниот и одговорен уредник Младен Чадиковски изјави дека вработените буквално биле заробени и не им било дозволено да влегуваат и излегуваат од дворот на телевизијата.Од МВР тогаш ги демантираа тврдењата на А1 дека им било оневозможено движењето на вработените. МВР тврдеше дека полицијата не извршила упад во телевизијата и дека не се работи за акција, туку за асистенција на финансиската полиција и на екипа на УЈП кои треба да извршат увид во работењето на фирми на сопственикот Велија Рамковски, кои се наоѓаат на истата адреса со телевизијата А1./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Поради СМС порака за лажна пратка од „Пошта“, гостиварец останал без 89.106 денари
Во полициската станица во Гостивар е пријавен случај на интернет измама, при што 34-годишен жител на овој град останал без над 89 илјади денари.
Како што информира полицијата, на 16 јануари С.А. (34) пријавил дека добил СМС порака со известување и линк за наводна достава на пакет од „Пошта на Северна Македонија“. Откако влегол на лажна веб-страница и ги внел податоците од својата дебитна картичка, од неговата сметка биле извршени повеќе неовластени трансакции.
Според пријавеното, од сметката на оштетениот биле повлечени вкупно 89.106 денари, кои завршиле кај примач во странство.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични и банкарски податоци на сомнителни линкови.
Црна хроника
Скопјанец ги нападнал сопругата и ќерката, друг на жената и’ ги скршил телефонот и автомобилот – пријавени случаи на семејно насилство
Во полицијата во Скопје се пријавени два одделни случаи на семејно насилство, по кои МВР презема мерки за нивно целосно расчистување.
Првиот случај е пријавен од 29-годишна жена од скопско, која навела дека на 10 јануари 2026 година, во семејниот дом на подрачјето на општина Петровец, била физички нападната од нејзиниот сопруг К.Ј. (33). Според пријавата, тој употребил тврд предмет и ѝ упатувал закани со остар предмет. Претходно, како што е пријавено, К.Ј. физички ја нападнал и нивната малолетна ќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Вториот случај е пријавен на 16 јануари 2026 година во 09:20 часот, кога 45-годишна жена од скопско пријавила дека во претходните денови повеќепати била физички нападната од нејзиниот сопруг А.Б. (48). При нападите, тој ѝ го оштетил и мобилниот телефон, како и нејзиното патничко возило. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, а по целосно документирање ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Возило „киа“ удрило во пешак во Скопје, жената со тешки повреди
Вчера во утринските часови на улицата Војвода Васил Чакаларов во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која пешак се здоби со тешки повреди.
Патничко возило „Киа“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 52-годишниот Д.П. од Скопје, удрило во 48-годишната Р.Д., исто така од Скопје.
Од силината на ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
На местото на настанот бил извршен увид.

