Црна хроника
Малолетникот осомничен за убиството во ГУЦ сè уште во бегство
Полицијата сè уште трага по шеснаесетгодишниот малолетник кој е осомничен за убиството на деветнаесетгодишниот Мухамед Али Јашари, кој настрада во петокот во училишниот двор на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска вели дека ќе бараат малолетникот да одговара за убиство, но не се знае со каква квалификација ќе оди Обвинителот.„Иницијално нашиот предлог до Обвинителот е кривична пријава за убиство, сепак со каква квалификација ќе оди Обвинителот јас не би можела да кажам бидејќи тој го има последниот збор. Меѓутоа, важно е да испратиме една силна порака дека насилството во било која форма не смее и не може да се толерира“ рече Јанкулоска.Таа смета дека за да се намали насилството во училиштата треба поголема мобилизација на целото општество, а според неа, насилството своите корени ги влече од семејството и домот.„Сметам дека насилството своите корени ги влече можеби од најраната возраст и од онаму каде што се стекнуваат првите знаења односно се стекнува основата на воспитувањето, а тоа е семејството и домот. Секако дека целото општество има улога во воспитувањето на младите луѓе, тука пред сè мислам на педагозите, психолозите, наставниците, но не смее да се потцени и улогата на родителите бидејќи, како што реков, основните и првите знаења децата, уште пред да појдат на училиште, ги стекнуваат во кругот на семејството. Неопходно е да има една поголема мобилизација на општеството и да се едуцираат најмладите припадници на општеството дека секој проблем без разлика колку тој изгледа тежок и нерешлив, мора да се решава низ дијалог и толеранција“ вели Јанкулоска.Безбедноста во училиштата, според Јанкулоска, е во надлежност на градот или општината, а МВР презема мерки во однос на одржувањето на јавниот ред и мир и во делот на репресивниот дел ,односно тогаш кога ќе треба да се казнат сторителите. „Освен овој репресивен дел наша задача е да делуваме на превенција и едукација и токму тоа и го правиме и преку локалните совети за превенција и преку непосредни контакти и преку офицерите за превенција и голем дел од нив одржуваат предавања во голем дел на училиштата, но сепак сметам дека е неопходно да се оди кон една поширока општествена мобилизација“ вели Јанкулоска.Резултатите од обдукцијата од Институтот за судска медицина официјално не ги соопштуваат, велат дека ќе бидат готови за четири до пет дена.Последните неофицијални информации велат дека момчето починало од удар во пределот на срцето.Денеска во училиштето „Здравко Цветковски“ беше одржана комеморација за смртта на ученикот. Во среда Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница за овој инцидент. Полицијата го уапси второосомничениот за учество во инцидентот, а истражен судија му одреди петнаесетдневен притвор.Според полицијата, причините за инцидентот биле банални. Ученикот кој го преживеа нападот, седумнаесетгодишниот Дарко имал недоразбирања со второосомничениот кој сега е во притвор и кој исто така е ученик во ГУЦ. И двајцата осомничени се од македонска националност.Пред неколку недели второосомничениот го нападнал Дарко пред неговата девојка со шлаканици во населбата каде што живее.Деветнаесетгодишниот Мухамед Али Јашари од Кондово во петокот се обиде да го спаси својот соученик – Македонец, но смртно настрада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

