Црна хроника
Магационер од „Идризово“ украл над 4 милиони денари
Магационер во затворот „Идризово“ украл повеќе од четири милиони денари, соопшти МВР.
Магационерот лани украл подвижни предмети коишто му биле доверени и со несовесно работење создал кусок во магацинот.
За да го прикрие кусокот фалсификувал службени исправи при што на старите испратници вметнувал бројки со што ја зголемувал испорачаната стока на корисниците од домот. На тој начин пријавениот го оштетил затворот во износ од 4.263.681 денари.
Магационерот бил задолжен за законито и исправно работење во делот на прием и издавање продукти и материјали за потребите на затворот, при што требало да изготвува документ приемница за извршен прием на стока и документ испратница за извршена достава до корисниците од домот.
Тој од добавувачите примал поголемо количество стоки од кое дел крадел и создал кусок.
Поради забележани нерегуларности, директорот на „Идризово“ наложил да се изврши попис во магацинот, при што бил констатиран кусокот.
Од СВР Скопје извршиле проверки во сметководствената евиденција на затворот и пронашле испратници на кои биле допишувани бројки пред реално испорачаните стоки, а кои не одговарале со бројките во испратниците дадени на корисниците на стоката.
Против четириесет и седумгодишниот З.Р. поднесена е кривична пријава за „затајување“ и „фалсификување исправа“./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Таксист од Скопје побарал мобилен телефон од 26-годишник па му го украл и телефонот и чантата
На 01.02.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, Ф.Ј.(26) од Скопје пријави дека околу 03:00 часот на подрачјето на Центар, едно лице кое управувало такси возило му го побарало мобилниот телефон за да изврши разговор.
Откако момчето му го дало телефонот, таксистот му ја одзел и чантата во која имало документи и други предмети и со возилото го напуштил местото.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Уапсен полицаец од Делчевско: возел без возачка дозвола, одземен е автомобилот
Денеска во 06:45 часот на булеварот „Македонија“ во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода 23-годишниот С.Д. од село Тработивиште, делчевско.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“ со делчевски регистарски ознаки, кое го управувал, при што е констатирано дека го управувал возилото без претходно да се стекне со право на управување возило, односно без возачка дозвола.
Запознаен е јавен обвинител, по чија насока возилото е одземено, а лицето е лишено од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Автомобил излета од патот Прилеп – Македонски Брод: тешко повредени деца на возраст од седум и девет години
Вчера во 17:11 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на регионалниот пат Прилеп- Македонски Брод, патничко возило „опел” со прилепски регистарски ознаки, управувано од 36-годишната Д.М. од Прилеп, излетало од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајца малолетни сопатници на возраст од седум и девет години, а со телесни повреди се здбил сопатникот И.М. од Прилеп, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

