Црна хроника
Кочанскиот командир рекетирал печалбар од Италија и прикривал кривични дела
Пензионираниот командир на кочанската полиција, Ванчо Тодоровски кој беше уапсен во средата, рекетирал, односно му се заканувал и му барал пари на печалбар од Италија, соопшти МВР.
По неговото приведување, разрешен е и неговиот помошник.
Пензионираниот командир се сомничи дека на кочанец кој работел во Италија му барал од 100 до 200 евра за да му прости наводни сообраќајни прекршоци кои ги направил додека престојувал во Кочани.
„Пријавениот ангажирал полициски службеници да му вршат сообраќајна контрола и без да биде констатиран прекршок му биле одземани документите, истиот потоа бил упатуван да оди да ги земе од командирот“ соопштуваат од МВР.
Освен тоа, командирот му се јавувал и во Италија и му барал пари и други подароци за полицијата да открие кој ги ограбил неговите родители во 2006 година, а дури и барал да му купи автомобил од Италија. За пет години зел вкупно 3.000 евра.
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдил дека нивните колеги од Кочани во 52 случаи на физички напад, тепачка и други прекршоци, полицајците изготвувале пријава дека била примена поплака наместо записник за примена пријава. Поради ова сторителите биле предупредувани, наместо да бидат прекршочно гонети.
Против пензионираниот командир е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама„.
Во домот на командирот пронајдени се 77 куршуми кал.7,65 мм, 140 куршум за малокалибарска пушка кал.22 мм, три полициски СТОП палки, два пара лисици за врзување, полициско ротационо светло, гумена палка, две магнетни налепници со натпис ПОЛИЦИЈА, гасен спреј, две полициски флуоресцентни елечиња, еден пиштол марка „Берета“ и малокалибарска пушка „Брно“, за кои поседува дозвола, 17 тестови за полагање на возачки испит на име на различни лица, еден телевизор марка Самсунг (за кој постои сомнение дека е набавен со парични средства добиени со изнуда), фотокопии од судска документација./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тепање, закани со компромитирачко видео, одземање телефон – повеќе пријави за родово насилство во Скопје од партнери и поранешни сопрузи
Во текот на 26 и 27 јануари 2026 година, во Скопје се пријавени повеќе случаи поврзани со семејно и родово базирано насилство, информира Министерството за внатрешни работи.
На 27 јануари, околу 00:30 часот, 40-годишна жена пријавила дека претходната вечер околу 20:00 часот, на подрачјето на Гази Баба, била физички нападната од нејзиниот партнер Д.П. во неговиот дом. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Истовремено, по претходна пријава на 34-годишна жена, полициски службеници од СВР Скопје го привеле 32-годишниот Р.Ќ. од Скопје, кој, според пријавата, на 23 јануари ѝ упатувал закани дека ќе објави компромитирачки видео запис од неа. Се работи за поранешен партнер. Приведувањето било извршено на 26 јануари во 11:30 часот во Полициската станица Кисела Вода, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во друг случај, на 26 јануари околу 16:00 часот, службени лица од СВР Скопје извршиле разговор со 49-годишниот В.Т. од Скопје, откако неговата 42-годишна сопруга пријавила дека тој ја нападнал и ѝ го одзел мобилниот телефон на 24 јануари во нивниот дом на подрачјето на Центар. И за овој случај е најавен соодветен поднесок по документирањето.
Дополнително, истиот ден во 11:40 часот, на подрачјето на Бит Пазар бил приведен 77-годишниот А.С. од скопско, по пријава на 51-годишна жена дека ја допирал по телото. По преземените дејствија, и за овој случај ќе следува поднесок до надлежните органи.
Црна хроника
Татко пријавил дека наставник го нападнал неговиот син во училишна сала
Триесет и шестгодишниот С.С. од Сарај пријавил во полиција дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставник во основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров.
Според информациите на МВР, на 26 јануари 2026 година, околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека нападот се случил истиот ден во 12:40 часот, во спортската сала на основното училиште. За нападот е пријавен А.П. (48) од Скопје, кој работи како наставник во истото училиште.
Како што информира МВР, по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Турски државјанин уапсен на скопскиот кеј – измамил сонародник за 6.650 евра
Полицијата го приведе 30-годишниот К.К. од Турција, кој се сомничи дека измамил друг турски државјанин за сума од 6.650 евра.
Апсењето било извршено на 26 јануари 2026 година, околу 13:40 часот, на кејот „Димитар Влахов“ во Скопје.
Според пријавата, осомничениот во октомври 2025 година стапил во контакт со оштетениот преку социјална мрежа и му ветил дека ќе посредува за добивање документи за работа и престој во државата. Во неколку наврати, преку трансакциска сметка, оштетениот му исплатил вкупно 6.650 евра. По тоа, осомничениот престанал да комуницира со него, по што случајот бил пријавен во полиција.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

