Црна хроника
Пронајдениот „Опел“ бил на местото на петкратното убиство
Возилото „Опел“ со скопски регистарски таблички, што полицијата во неделата го најде десетина километри од Смилковското езеро, било на местото на петкратното убиство, информираше министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Утврдено е дека регистарските таблички припаѓаат на друго возило. Според информациите, опелот бил донесен од странство и не бил регистриран во Македонија. Полицијата побара и помош од граѓаните.
„Возилото во Република Македонија е донесено од странство. Овие регистарски таблички што ги гледате на сликата припаѓаат на сосема друго возило, што значи не е регистрирано веќе некое време во Република Македонија, што сугерира дека возилото не било во редовен сообраќај и токму затоа од посебно значење е информацијата доколку некој граѓанин го видел ова возило непосредно во деновите што му претходеле на убиството“, изјави Јанкулоска, која побара дополнително време за резултати од анализата на трагите во возилото.
Прашана за коментар по објавените информации во дел од српските медиуми дека постои жив сведок на петкратното убиство, чиј идентитет се крие, Јанкулоска со став:
„Сакам да апелирам до сите медиуми да се воздржат од шпекулации, бидејќи не е исклучена можноста дека во овој период, додека истрагата сеуште трае ќе има секакви шпекулации кои не секогаш се добронамерни и ќе има секакви провокации за изнесување на детали во јавноста кои во крајна линија може да одат единствено на штета на истрагата. Уште еднаш сакам да се обратам до сите вас за дополнително трпение, бидејќи сите информации кои сметаме дека може да ги споделиме со јавноста ќе ви бидат ставени на увид“.
Јанкулоска, во пресрет на неколкуте најави за собирања на граѓани пред Соборниот Храм и пред Владата за попладнево, повика тоа да се направи мирно и воздржано, со цел да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

