Црна хроника
Шест години затвор за Ибрахим Сејдини, уапсен во „Монструм“
Шестгодишна затворска казна во петок му беше изречена на Ибрахим Сејдини, еден од уапсените во полициската акција „Монструм“ водена за петкратното убиство кај Смилковското езеро крај Скопје.
По првото одложување на судењето во петок околу пладне почна и заврши судскиот процес против Ибрахим Сејдини.
Сејдини е прогласен за виновен за недозволено изработување, држење и трговија со оружје. Во својот исказ пред судот тој кажа дека оружјето пронајдено кај него го набавил пред пет години во Качаник на Косово, за 500 евра, со намера да го препродаде во Македонија, но не успеал да најде купец во земјава.
Полицијата пронајде автоматска пушка, бомба „кашикара“, пет рамки за муниција, седум куршуми, борбени елеци и фантомки на таванот од неговата куќа обвиткатани со волна. Тврдеше дека никој од неговото семејство и неговите пријатели не знаел за оружјето.
„Отидов сам во Косово и се распрашав во кафеаните и чајџилниците од каде може да купам оружје ‘на црно’, така го најдов човекот од каде што го купив оружјето“, изјави пред судот Сејдини кој тврдеше дека откако го купил оружјето ниту го употребувал, ниту знаел да го употребува и дека цело време тоа стоело на таванот.
Во својот исказ што на моменти беше контрадикторен, прво рече дека оружјето го внел во земјата илегално, а потоа на прашање од обвинителот одговори дека го внел легално складирано во возило во багажникот, преку граничниот премин Блаце. Тврдеше дека најпрво не знаел дека држењето оружје е нелегално, а потоа тврдеше дека сакал да го пријави во полиција, но дека му било страв за да не лежи во затвор.
Сејдини призна дека е виновен и дека нелегално го држел оружјето и дека жали што сторил кривично дело.
Адвокатот на поголемиот дел од уапсените во акцијата „Монструм“, Насер Рауфи тврди дека обвинетиот Сејдини нема врска со другите осомничени за убиството кај Смилковци и дека воопшто не се познавале.
Процесот против Сејдини требаше да почне на почетокот од месецов, но беше одложено бидејќи обвинетиот од технички причини не беше донесен од притворот во Прилеп.
За истото дело се товари и уште еден од уапсените во акцијата „Монструм“, Назив Мемети.
Во акцијата „Монструм“ беа уапсени вкупно 20 лица за кои постоеше сомнение дека се вмешани во петкратното убиство кое се случи на 12-ти април на Смилковското езеро, кога беа убиени четири млади момчиња и еден средновечен маж.
Десетмина од уапсените беа ослободени откако судот утврдил дека немаат врска со петкратното убиство. Тројца од уапсените се товарат дека се директни извршители на масакрот кај Смилковското езеро. Двајца од извршителите се во бегство. Истрагата за ова е се уште во тек и не се знае кога ќе започне судскиот процес./крај/фф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

