Црна хроника
Полицајци, вработен во АР и сопружници на вработени во АР не плаќале патарина
Полицајци, вработен во Агенцијата за разузнавање (АР), како и сопружници на вработени во АР биле фатени дека не плаќаат патарина, соопшти МВР.
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди изврши контрола на наплатните рампи „Глумово“ и „Отовица“ за да проверат дали се злоупотребуваат службените легитимации.
На двете наплатни рампи минале вкупно 33 возила без да платат патарина. Двајца од нив биле полицајци, едниот вработен во полициската станица Попова Шапка, а другиот бил вработен во СВР Тетово, во полициска станица Групчин.
Еден вработен во Агенцијата за разузнавање ја покажал службената легитимација и не платил патарина, а додека две сопружници на вработени во АР ги покажале легитимациите на сопрузите и не платиле патарина.
Сите возачи што не платиле патарина ќе платат глоба, додека за полицајците е поднесен предлог за утврдување на одговорност до надлежната Комисија за отказ. За вработениот во АР, и за оние чии легитимации биле злоупотребени, МВР ќе ја извести Агенцијата.
Во првите шест месеци од годинава извршени се вкупно седум контроли на наплатните рампи „Глумово“ и „Отовица“ и биле „фатени“ 136 возачи кои поминале без да платат патарина. Од нив 10-мина се вработени во МВР./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

