Црна хроника
Брзи мотори, многу загинати
Вкупно 13 лица го загубиле животот и уште 594 се здобиле со повреди во сообраќајки со мотоцикли кои се случиле минатата и оваа година, покажува статистиката на МВР.
Во првите шест месеци од годинава во сообраќајни несреќи со мотоцикли две лица починале, а 174 се здобиле со сериозни телесни повреди.
Министерството за внатрешни работи со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на Македонија започна кампања за почитување на законските правила и прописи од страна на мотоциклистите.
Целта е да се подигне свеста кај мотоциклистите, особено на младите возачи дека со несовесно возење и непочитување на правилата и прописите од безбедноста на сообраќајот, можат да го загрозат својот живот и претставуваат опасност за останатите учесници во сообраќајот, велат од РСБСП.
„Оваа категорија на учесници во сообраќајот се соочува со исклучителен ризик од повеќе аспекти и токму заради тоа заслужува посебно внимание и засилено превентивно делување. Првиот аспект е ниската цена по која што во последно време може да се набават некои мотоцикли, што ги прави подостапни за поголем број на луѓе, пред се млади кои немаат доволно искуство во учество во сообраќајот. Вториот аспект е заштитата на лицата кои управуваат со мотоциклите, а кој е значително помала од онаа на возачите на патнички моторни возила.Третиот аспект е сообраќајната култура на нашите патишта која за волја на вистината треба да биде на повисоко ниво“ изјави министерката Гордана Јанкулоска.
Според РСБСП најчести неправилности кои ги прават мотоциклистите се неносењето на кацига, поминување на црвено, невнимателно и опасно возење, за да се направат важни, возење со големи брзини, пресекување на патот на другите учесници во сообраќајот, загрозување на пешаците, фризирање на мопеди.
Во последните три години загинале 34 мотоциклисти и 1709 повтредени. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

