Црна хроника
Љубе Бошкоски и шефот на неговото обезбедување осомничени за вмешаност во убиството на Тушевски
Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија кој моментално е во затвор, шефот на неговото обезбедување Зоран Трајковски и други полициски функционери се осомничени дека се вмешани во убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев.
По повеќе од десет години, на барање на обвинителството, Министерството за внатрешни работи изутрината приведе девет лица кои, а шестмина се во бегство под сомнение дека го извршиле и помагале во убиството.
Српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ се осомничени дека се директни извршители на двократното убиство, но сега се во бегство.
Во бегство е и уште еден српски државјанин и двајца поранешни функционери кои сега се во пензија.
Бошкоски кој беше министер во 2001 година, кога се случи убиството, неговиот шеф на обезбедувањето Зоран Трајковски, Сашо Јовановски викан Тупан, вработен во секторот за набљудување и следење при МВР и други полициски функционери се осомничени дека знаеле за убиството и го помагале.
„Дел од вработените во МВР во време на извршување на кривичното дело се товарат дека знаеле и дека ги помагале сторителите на убиството од самиот почеток, додека останатите се товарат дека преку непостапување им овозможиле да избегаат од Македонија. Лицата кои денеска беа приведени, се на распит пред истражен судија“ изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Тој вели дека ова не е политичко апсење, туку расчистување на убиство кое досега било мистерија. Според информациите на МВР, неколку од осомничените сé уште работат во МВР.
Бошкоски во вторникот не бил однесен на распит кај истражен судија, но ако биде потребно ќе даде исказ.
Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година. кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец. Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега.
Мотивот за убиството сé уште не се открива, но неофицијално една од причината за убиството биле нерасчистени сметки и пари.
Како што пишува тогаш медиумите, Тушевски имал многу непријатели, бидејќи се занимавал со изнуда на пари, односно вршел рекет на речиси сите дуќани во трговскиот центар Беверли хилс и повеќе приватни претпријатија од Скопје.
Полицијата ова убиство го поврзуваше и со инцидентот што наводно се случил претходно, кога шурата на министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, бил претепан од неколку лица, а потоа со автомобил бил одвезен на Водно, каде што насилниците го оставиле и си заминале./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

