Црна хроника
Запленета 26 кг марихуана кај Радожда
Околу 26 килограми опојна дрога марихуана како и 33 килограми риба белвица, се пронајдени и одземени во синоќешната акција што во близина на караулата кај Радожда, ја изведоа полициски службеници од граничната полиција во координација со полициската станица од Струга, јави МВР.
Во средата вечерта околу 22 часот, кај граничниот камен број 42, во близина на караулата Радожда, полициските службеници ги приведоа лицата З.Ш.(42) и Д.П.(48 ) двајцата од Радожда.
Полицијата ги фатила кога на брегот се приближувал чамец во кој двајца албански државјани превезувале 20 пакувања со околу 10 килограми марихуана и две вреќи со 22 килограми риба белвица.
Забележувајќи ги полициските службеници, албанските државјани скокнале од чамецот и со пливање побегнале, притоа фрлајќи ги во вода вреќите полни со риба белвица.
При извршен претрес кај З.Ш. била пронајдена црна платнена торба со околу 16 килограми спакувана опојна дрога марихуана, додека кај Д.П. биле пронајдени 11 килограми белвица и крап, и огромни количини на рибарска мрежа.
Двете приведени лица, се добро познати на службата, кои, во изминатиов период, на сличен начин криумчареле риба и недозволено тргувале со опојна дрога, за што им биле поднесувани соодветни кривични пријави.
Од страна на полициските службеници се преземааат дополнителни мерки за целосно расветлување на настанот по што ќе биде поднесена кривична пријава./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

