Црна хроника
Гидеон Сандел е израелскиот турист што загина на Матка
Гидеон Сандел, роден 1941 година, е името на израелскиот турист чие тело беше пронајдено во околината на Матка по дводневно пребарување, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Сандел во петокот рано наутро излегол од хотелот „Мрамор“ кадешто бил сместен и заминал кон Матка. По дводневно пребарување, неговото тело било пронајдено во неделата околу 16:00 часот во бездна длабока 60 метри во близина на Шишевскиот манастир. Телото е извлечено со полициски хеликоптер и е предадено на обдукција.
Сандел е познат на македонската јавност по своите бизниси во Македонија. Тој одлежуваше и затворска казна во затворот Идризово за измама со кредитни картички.
Во мај 2010 година Европскиот суд за човекови права во Стразбур му досуди отштета на израелскиот бизнисмен Гидеон Сандел кој во Македонија беше осуден на две ипол години затвор за наводна измама со кредитни картички во износ од 35 илјади евра. Од судот во Страбур тој бараше отштета од 10 илјади евра, но му беше досуден надомест од 1.600 евра
Сандел во првата половина од 1998 година беше уапсен под сомнение за измама со кредитни картички, и мина четири месеци во притвор во истражниот затвор „Скопје“. Подоцна беше пуштен да се брани од слобода, но по редовното јавување во судот, стана недостапен за македонските органи на прогонот.
Сандел повеќе години живееше и работеше во Скопје како претставник на фирмата „Санд трејд“. Тој беше осуден за измама со пет кредитни картички „дајнерс“ и две „мастеркардс“. Судскиот спор кој започна во 1998 година безмалку се водеше цела деценија.
Гидеон Сандел служел во израелската војска во специјалната падобранска единица и има учествувано во три големи војни. Добил признание во 1973 година за посебни заслуги и учество во војната во Суецкиот канал./крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

