Црна хроника
Жена од Гостивар присилила малолетничка на проституција
Педесет и едногодишната Ж.Б од Гостивар во својот угостителски објект присилно држела две девојки од Албанија на возраст од 19 односно 17 години и ги присилувала на проституција, соопшти МВР.
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесло кривична пријава против лицето Ж.Б. (51) од Гостивар, сопственик и управител на угостителски објект „Делфина“ – Гостивар, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривични дела – “трговија со луѓе“ и -“трговија со малолетно лице“.
Пријавената ја злоупотребувајќи ја состојбата на немоќта на двете девојки, а со примена на сила и сериозна закана прифатила, сместила и контролирала заради вршење на трудова и сексуална експлоатација по пат на присилна проституција, две албански државјанки од кои едната малолетна, Џ.М. (19) и Ф.П. (17).
По легалниот влез на албанските државјанки во Македонија (на Ф.П. во текот на март а Џ.М. во текот на мај годинава), двете преку свои познаници, стапиле во контакт со пријавената Ж.Б., при што со истата се договориле да работат во нејзиниот угостителски објект „Делфина“ како келнерки.
Пријавената веднаш им ги одзела патните исправи со изговор да не ги изгубат, а по извесно време, под изговор дека нема доволно промет, не им ја исплаќала дневницата на девојките, туку со примена на закана и физичка сила побарала од нив да даваат сексуални услуги на клиенти, за цена која самата ја одредувала (од 30 – 50 евра).
Парите што биле исплаќани од клиентите за извршената услуга, половина им ги давала на девојките, додека другата половина ја задржувала за себе.
На 30 август, полициски службеници од СВР Тетово – ПС Гостивар, извршиле контрола во УО „Делфина“ – Гостивар во сопственост на пријавената Ж.Б., која во моментот на контролата не била присутна во објектот, а во него се затекнати како работат како келнерки двете албански државјанки, кои со себе немале никакви документи за идентификација.
Со цел утврдување на идентитетот на албанските државјанки, истите се приведени во ПС Гостивар. Пријавената Ж.Б. не е достапна на органите на прогонот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

