Црна хроника
Бугарка со баење заработила 27.100 евра во Скопје
Полицијата поднесе кривична пријава против 49-годишната Г.И.М., државјанка на Бугарија, за сторено кривично дело измама, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Бугарката е осомничена дека во периодот од јуни до септември лажно претставувајќи се дека може да ја претскаже иднината и лажно ветувајќи дека може да и’ помогне да ги надмине депресиите и да има повеќе среќа во животот, довела во заблуда жена во Скопје, од која земала 27.100 евра.
Сé започнало на 6-ти јуни годинава кога оштетената била на паркингот зад Собранието и во тој момент и’ се приближила пријавената и почнала да и’ раскажува детали од приватниот живот на оштетената кои се совпаѓале со нејзината стварна ситуација. Исто така, и’ кажала дека може да и’ ја претскаже иднината, понудувајќи и’ помош во иднина да не и’ се случуваат лоши работи.
Во три наврата пријавената во станот на оштетената изведувала некакви ритуали за да и’ „ги разбие“ црните магии кои и’ биле направени, за да ја излекува нејзината болна мајка и за да нема повеќе проблеми во љубовната врска. За истото оштетената во три наврата и’ дала по 9.000 евра за секој ритуал или вкупно 27.000 eвра.
Исто така, и’ побарала и мобилен телефон, по што оштетената и’ дала телефон марка Samsung S3350. Пријавената парите ги барала со изговор дека и’ биле потребни за да може ритуалите да имаат ефект.
На 17-ти септември пријавената повторно и’ се јавила и и’ побарала уште 9.000 eвра кои требало да и’ ги даде на 20-21 септември, а за возврат ќе и’ дадела некаква вода за прочистување од која понатаму нема да и’ се случуваат лоши работи.
Откако оштетената се посомневала во вистинитоста на нејзините кажувања, случајот го пријавила во СВР Скопје, по што на 21-ви септември пријавената е приведена и кај истата се пронајдени парични средства во износ од 3.000 евра кои претходно се кримтехнички обработени, една икона, една монета со жолта боја, едно шишенце од 200 мл. со непознат раствор, една амајлија наменета за оштетената и мобилен телефон марка Samsung S3350.
На осомничената и е одреден 30-дневен притвор. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

