Црна хроника
Судење „Детонатор“: Сакаа да ме убијат оти сум имал пари
Кочанецот Драганчо Стоименов, кого дел од обвинетите во случајот „Детонатор“ според обвинението, три пати се обиделе да го убијат, во петок повеќе од четири часа даваше исказ пред судот.
Во детали објаснуваше кој и како му се заканувал од 2009 па сè до 2012 година. Тврдеше дека дел од обвинетите во „Детонатор“ од Кочани и од Виница два пати го демолирале неговото кафуле во Кочани и впериле пиштол во неговата сопруга и постојано преку други луѓе му праќале пораки дека ќе го убијат.
Неговите роднини и пријатели постојано добивале закани и ги советувале да не се дружат со Драганчо, а имало и случаи кога на негови пријатели им нуделе по 20.000 денари месечно само да не се дружат со Стоименов.
Не знаеше да каже зошто бил под вакви притисоци и закани, но според неговите сознанија коишто ги слушал од луѓе, тоа го правел оти имал многу пари.
Обвинетиот Жан Железарски од кога му го демолирале кафулето, му рекол „ти имаш направено многу парички, гледај си го фамилијарниот живот“ му рекол Железарски на Стоименов.
Негов пријател од Кочани му кажал дека обвинетите Игор Горански и Симеон Михаилов, кој е во бегство, во Бугарија барале лице и начин за да го ликвидираат Стоименов. Двајца келнери од ресторан во близина на Виница на негов пријател му кажале дури и дека Игор Горански нудел 30.000 евра за негова ликвидација.
Добил и порака „ние ќе ти го направиме тоа, што ти сакаше да му го направиш на Сашко Стојчов“.
Поради ваквите закани и тепачките во неговото кафуле, тој бил принуден да го затвори бидејќи не доаѓале веќе гости. Повеќето време го поминувал во Скопје, каде живеел со својата сопруга Јанка Стоименова.
Дел од обвинетите се товарат дека два пати поставиле експлозивна направа во близина на автомобилот на Стоименов и се обиделе да го убијат. За ова Стоименов, вели дека претходно на фејсбук профил на еден од обвинетите имало пцовки насочени кон жена му.
На оштетениот обвинетите имаат можност да му поставуваат прашања и да се соочат за да се дознае што точно се случувало во Источна Македонија.
Во меѓувреме, во петок имаше ново продолжение на акцијата „Детонатор“ во Куманово, каде биле пронајдени и одземени 36 покер апарати. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

