Црна хроника
Случај Ровер: Бошкоски дал наредба за следење на Тушевски пред убиството
Никогаш не сум бил ангажиран и со никого не сум договарал и планирал убиство на Марјан Тушевски и на Киро Јанев, рече во својата одбрана Зоран Трајковски кој за време на убиството во 2001 година бил шеф на обезбедувањето на тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
„Не сум распоредувал инспектори на местото каде што се случи убиството“. рече Трајковски кој појасни дека тој станал началник на секторот за оперативно извидување, во октомври 2001 година, осум месеци по убиството на Тушевски.
Сепак, Трајковски во својата одбрана повикувајќи се на изјави од инспектори, рече дека во исто време кога се случило убиството, инспекторите од Секторот на оперативнo извидување го следеле Тушевски.
Два дена пред убиството Бошкоски му кажал на Трајковски дека на Секторот за оперативно извидување му е дадена наредба за следење на Тушевски и Јанев поради земање на рекет. Било договорено Тушевски и Јанев да бидат уапсени од страна на специјална единица „Матка“, ако бидат затекнати како земаат рекет.
Раководителот на смена Милан Спасов им наредил на инспекторите да почнат следење на Тушевски по претходна усна наредба на Нигриевски. Според него, колегите од Секторот за оперативно извидување не можеле да го спречат убиството, бидејќи нивна работа била тајно набљудување и документирање, не биле вооружени и не носеле заштитни елеци.
Не можеле да ги уапсат убијците, бидејќи за нивно апсење, според Трајковски, била потребна цела војска, а не неколку инспектори.
По 20 минути од убиството, Нигриевски го известил Трајковски што се случило и тој заминал на местото на убиството.
„Истото ќе го сторев и да не бев повикан од страна на Нигриевски, во случај да разберев од друго лице, затоа што таму беа мои колеги, а двајцата убиени ми беа пријатели. Тушевски и Јанев беа патриоти и за време на конфликтот застанаа на страната на татковината“, рече Трајковски.
Трајковски и Тушевски се спријателиле откако се запознале на локалните избори во 1999 година во Охрид, каде Тушевски бил ангажиран од ВМРО-ДПМНЕ.
Тушевски му се жалел дека не го сака Љубе Бошкоски, бидејќи партијата не му вратила онолку колку што тој вложил во неа.
Официјално не знаел со што се занимавал Тушевски, но имал слушнато дека е конфликтна личност и дека се занимавал со изнуда на рекет.
Тој се сеќава дека Тушевски и Бошкоски се имале сретнато неколкупати во кафетерии на улица „Водњанска“, носредбите, според него. биле случајни. Со Орце Коруновски, кој во обвинението се споменува како нарачател на убиството на Тушевски, Трајковски имал нарушени односи.
Против Трајковски сведочел Александар Василевски – Нинџа кој пред извесно време беше уапсен поради напад врз клучниот сведок од судскиот случај „Детонатор“, Драган Стоименов – Дацо.
Трајковски ги негираше неговите тврдења дека токму тој ги распределувал инспекторите на местото на убиството, а Нинџа го нарече нерелевантен и девалвирачки сведок, добро познат на полицијата и судот. Според него, Василевски се изгубил во хронологијата на настаните.
Трајковски откри дека Тушевски често патувал во Грција со лице порано вработено во единицата „Волци“, а сега телохранител на премиерот Никола Груевски, брат на сведокот позната како Нинџа.
Тој потенцираше дека две минути пред убиството, на Тушевски му се јавила неговата вонбрачна сопруга од Сараево, која го повикала да појде во слаткарницата која била спроти кафе барот „Зу“, каде што седеле Тушевски и Јанев. Веднаш по убиството, се зборувало дека сопругата исчезнала, а изјавата во полиција ја дала подоцна.
Вонбрачната сопруга, претходно во Сараево живеела со познат босански криминалец, кој подоцна бил ликвидиран, но и со српски криминалец кој ја имал истата судбина.
Трајковски сé уште во петок во раните попладневни часови дава одбрана за случајот „Ровер“, во којшто еден од обвинетите е поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, дека помогнал во убиството на Тушевски.
Бошкоски пред судот тврдеше дека ова е уште еден монтиран политички случај против него и дека власта сака да го уништи.
Бошкоски веќе издржува петгодишна затворска казна за случајот „Кампања“ во кој е обвинет дека како лидер на партијата Обединети за Македонија ја злоупотребил службената функција и за нелегално финансирање на изборната кампања./крај/фф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

