Црна хроника
Азири се откажа од исказот пред Истражен судија, негира вмешаност во петкратното убиство
Обвинетиот Хаки Азири, кој првично беше заштитен сведок за случајот „Монструм“ и пред Истражниот судија рече дека на денот на убиството ги возел обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои му кажале дека убиле човек, се откажа од изјавата и негираше каква и да е поврзаност со петкратното убиство.
„Не ги прифаќам наводите во обвинението против мене. Изјавата пред истражен судија не сум ја дал по своја волја. Имав притисок. Се плашам за својот живот“, рече Азири.
Тој тврди дека не е точно дека на тој ден учествувал во какво и да е убиство. За себе вели дека не е криминогена личност и никогаш во животот немал проблеми со полицијата. Рече дека се грижи единствено за неговото деветчлено семејство и немал време да размислува за какво било убиство. Во времето кога се случило убиството, тврди Азири, бил на гости кај неговиот братучед, Џевад Азири, во скопската населба Гази Баба, каде што бил и неговиот братучед, еден од обвинетите, Алил Демири.
Тврди, исто така, дека таму повеќемина братучеди играле друштвена игра ОК сé до раните утрински часови. Негираше дека на денот на убиството ги возел Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и дека имал каков и да е контакт со Агим Исмаиловиќ.
Денот му минал вообичаено. Бил пет пати во џамија да се клања. Бил на кафе во кафеана во населбата Скопје Север и работел во градината со неговиот татко. Во кафеана бил сам и не можеше да се сети на нејзиното име. Инаку, претходно работел како транспортер и немал одредено работно време.
Во врска со локацијата на убиството, Смилковското езеро крај Скопје, вели дека можеби бил некогаш таму, кога неговиот чичко Фејзи Азири зел под концесија дел од парцелите кај ова езерце.
Пред судот Азири рече дека кога бил приведен му се заканиле дека ако не каже дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се убијците, ќе биде осуден на 20 години затвор. Тврди дека еден од инспекторите му рекол дека тој лично ќе го застрела.
Инаку, Азири пред Истражниот судија рекол дека на денот на убиството околу 20 часот на обиколницата на Качанички пат со автомобил ги чекал да дојдат обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се товарат дека се извршители на убиството. Двајцата обвинети дошле на местото кадешто ги чекал, излегле од возилото „опел омега“, со темно црвена боја, и влегле во неговото возило. Кога ги прашал кај да вози, тие му рекле да вози во неговиот дом и му кажале дека убиле човек.
Не му е познато каде потоа отишле обвинетите, а според неговата изјава, тој околу 23 часот отишол во домот на неговиот братучед Џевад Азири, кадешто бил и обвинетиот Алил Демири.
Хаки Азири е единствениот од обвинетите кој се товари за помагање тероризам. /крај/фф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
60-годишна жена натепана на автобуска постојка
Вчера во 20:10 часот во СВР Скопје, З.А.(60) од Скопје пријави дека на 12.02.2026 во 06:50 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар во Скопје, едно женско лице физички ја нападнало.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Со возило се обидел да удри работници
Во СВР Скопје на 14 февруари 2026 година во 20:00 часот било пријавено дека неколку часа претходно се случил сериозен инцидент на градилиште на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата од Н.К. од Скопје, околу 14:15 часот, И.Д. од Скопје најпрво им се заканувал на двајца вработени кои работеле на објект во изградба. По вербалните закани, тој го стартувал патничкото возило „форд“ и се обидел да ги удри, но во тоа не успеал.
Потоа, со возилото удрил во автомобил „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кој бил паркиран пред објектот. Од силината на ударот, „сеатот“ се придвижил и удрил во друго паркирано возило „фолксваген поло“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Кривична пријава против сопственик и фирма од Делчево поради пожар со 30 гости во објектот
МВР поднесе кривична пријава против правно лице од Делчево и неговиот сопственик Н.Д. (35), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, односно поради пожар, кој избувнал на 1 јануари 2026 година, во момент кога во неговиот објект биле сместени околу 30 гости и довел до сериозна опасност за нивниот живот и здравје, информира полицијата.
Според полицијата, неправилностите во изградбата и непочитувањето на безбедносните стандарди директно придонеле за ризикот од поголеми последици.
-Пријавените не ги почитувале законските одредби за изградба на објект, предвидени во член 68 и член 70 од Законот за заштита и спасување, односно не обезбедиле проект за објектот, одобрение за градење од надлежниот државен орган и согласност на елаборатот за заштита од пожари и експлозивни материи и извршувале дејност без соодветна документација и без да биде евидентиран објектот во Агенцијата за катастар на недвижности, се наведува во соопштението.

