Црна хроника
Нова голема заплена на цигари на Аеродромот „Александар Велики“
Пет лица од источна Македонија во четврток на аеродромот Александар Велики се обиделе од Македонија да прошверцуваат 457 штеки цигари, кои требало да бидат однесени во Лондон.
На прашање на царинските службеници дали имаат нешто да пријават за царинска контрола сите одговориле негативно.
Откако од аеродромските служби за багаж бил обезбеден нивниот багаж, пристапено е кон контрола при што во шест патни торби во нивна сопственост, пронајдени се вкупно 457 штеки цигари, од кои 1.300 кутии „малборо ред“, 1.480 кутии „малборо голд“, 790 кутии „винстон блу“, 800 кутии „ева слимс“ и 200 кутии „ЛД ред“.
Вредноста на оваа количина цигари набавени во Македонија е околу 9.000 евра, додека во Велика Британија лицата би заработиле околу 34.000 фунти (околу 29.000 евра).
Како и во претходниот случај, кога пред два дена на аеродромот беа запленети 324 штеки цигари кај двајца Македонци со бугарски пасош, и овие лица се носители на бугарски пасош и при влез во Велика Британија го приложуваат на увид бугарскиот пасош со кој и остваруваат работен однос во земјата.
Од Царина информираат за заплена на цигари и на граничниот премин Дојран, кога на 15 јануари при контрола на две возила со бугарски регистарски таблички со вграден погонски систем на плин, во резервоарите се пронајдени сокриени вкупно 61 штека цигари „јорк“ со македонски акцизни маркички.
Во првиот случај, селектирано е возило со кое управувал бугарски државјанин. Возилото било неуредно и технички оставало впечаток дека е полуисправно. Возачот и сопатникот неконкретно одговарале на прашањата на царинските службеници, и во даден момент ги користеле мобилните телефони.
Поради ваквото однесување, пристапено е кон детална контрола, при што во резервоарот за бензин, во пластични кеси за пакување пронајдени се 190 кутии „јорк 100с“ со македонски акцизни маркички.
Истиот ден, при детален преглед на друго возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин кој не бил сопственик на истото, исто така во резервоарот за бензин сместен под задните седишта, а кој бил исечен и адаптиран за криумчарење стока, пронајдени се 420 кутии „јорк 100с“ со македонски акцизни маркички.
Во сите три случаи, цигарите се запленети. Против прекршителите отпочнати се прекршочни постапки пред Комисијата за одлучување по царински прекршоци. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

