Црна хроника
Измамничката со станови собрала вкупно 800.000 евра и ги потрошила на луксуз
Скопјанката осомничена за скандал со станови, со лажни приказни успеала да собере околу 800.000 евра, информираат од МВР.
Дваесет и деветгодишната скопјанка претходно работела како фризерка, а со парите кои ги собрала живеела луксузно во луксузен стан и возела скапи автомобили.
Досега измамата ја пријавиле вкупно 30 граѓани, но од полицијата се сомневаат дека многу повеќе граѓани се измамени. Меѓу измамените имало и пејач и други познати музичари.
Од декември 2011 досега, на пријатели и нејзини познаници им нудела станови за по 400 евра од квадрат, како проект за лица со посебни потреби и инвалидитет. За да биде поуверлива ги печатела документите за вакви станови кои се јавно достапни на веб страницата на Владата. Граѓаните уплаќале од 15 – 30.000 евра на банкарската сметка на нејзиниот татко, а ги лажела дека останите пари ќе ги обезбеди од странски донации, односно од белгиската, холандската или македонската влада.
Иако жената немала ниту градежна фирма, ниту се занимавала со ваков бизнис, луѓето и верувале, а некои од нив имале потпишано и преддоговори кои немале никакво правно дејство. Но, никој од граѓаните не потпишал купопродажен договор, секогаш кога ја барале за да го потпишат, измамничката смислувала најразлични приказни за да го одложи.
Најпрвин во полиција пријавиле 13 граѓани кои на сметката на татко и уплатиле 310.000 евра, но кога се објави аферата во полиција истата измама ја пријавиле уште 17 граѓани кои уплатиле вкупно 340.000 евра. Измамничката најверојатно ги потрошила сите пари на луксузен живот.
Скопјанката и нејзиниот татко се приведени, против нив е поднесена кривична пријава, а истражен судија им одреди 30-дневен притвор./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Таксист од Скопје побарал мобилен телефон од 26-годишник па му го украл и телефонот и чантата
На 01.02.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, Ф.Ј.(26) од Скопје пријави дека околу 03:00 часот на подрачјето на Центар, едно лице кое управувало такси возило му го побарало мобилниот телефон за да изврши разговор.
Откако момчето му го дало телефонот, таксистот му ја одзел и чантата во која имало документи и други предмети и со возилото го напуштил местото.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Уапсен полицаец од Делчевско: возел без возачка дозвола, одземен е автомобилот
Денеска во 06:45 часот на булеварот „Македонија“ во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода 23-годишниот С.Д. од село Тработивиште, делчевско.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“ со делчевски регистарски ознаки, кое го управувал, при што е констатирано дека го управувал возилото без претходно да се стекне со право на управување возило, односно без возачка дозвола.
Запознаен е јавен обвинител, по чија насока возилото е одземено, а лицето е лишено од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Автомобил излета од патот Прилеп – Македонски Брод: тешко повредени деца на возраст од седум и девет години
Вчера во 17:11 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на регионалниот пат Прилеп- Македонски Брод, патничко возило „опел” со прилепски регистарски ознаки, управувано од 36-годишната Д.М. од Прилеп, излетало од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајца малолетни сопатници на возраст од седум и девет години, а со телесни повреди се здбил сопатникот И.М. од Прилеп, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

