Црна хроника
На 7 мај пресуда за случајот Јашари, семејството бара отштета од 3 млн денари
На 7-ми мај ќе биде соопштена пресудата за случајот со матурантот Мухамедали Јашари кој го загуби животот во средното градежно училиште во Скопје пред две години.
Семејството на Јашари побара отштета од три милиона денари и судот во кривична пресуда да донесе дополнителна пресуда за нематерија штета.
Обвинителството во своите завршни зборови побара обвинетите да бидат прогласени за виновни согласно кривичниот закон. Според обвинителството, Јашари настрадал од удар со камен во градниот кош, кој му го нанел првообвинетиот Петар Маневски кој е во бегство.
Според обвинителството, Јашари немал никакви здравствени аномалии, па смртта настанала од ударот со камен.
Одбраната на Маневски, пак, побара тој да биде ослободен и тврдеше дека Јашари бил удрен со пендрек а не со камен. Според адвокатот, Ристо Петров, Јашари имал ткн капкасто срце и според него и мал удар кај него можел да предизвика смртни последици. Обвинителството бара Маневски да одговара за нанесување тешка телесна повреда.
Адвокатите, пак, на обвинетите Стефан Гелов и Доријан Тасев кои се товарат за загрозување со опасно орудие, бараат да бидат ослободени, бидејќи немало докази за обвинувањата кои им се ставаат на товар.
Во завршните зборови, обвинетите не додада ништо, единствено Доријан му изрази сочувство на семејството на загинатиот.
Малолетникот Доријан, се наоѓа во малолетничкиот затвор во Охрид, откако по тепачката во градежното училиште ја ограби куќата и го украде автомобилот на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Петар Маневски, пак, е осомничен дека по инцидентот избодел момче во скопската населба Капиштец.
Матурантот Мухамед Али Јашари загина во април 2011 година во дворот на скопското средно градежно училиште „Здравко Цветковски“ во обид да му помогне на другарот кој се степал со тројцата обвинети.
Според обвинението, тројцата обвинети, Петар Маневски, кој е во бегство, Стефан Гелов и малолетниот Доријан Тасев, дошле во дворот на училиштето и се степале со Дарко Анчев за банални причини.
Маневски го удрил Мухамед Али Јашари со камен во градите. Според Јавното обвинителство, причина за смртта е ударот од камен./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кривична пријава против четири лица за измами со лажни сообраќајки тешки 3,7 милиони денари
СВР Битола во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднесе кривична пријава до ОЈО Битола против В.П.(40) од с.Стење, ресенско, Г.М.(54) со престој во Скопје, едно непознато лице (третопријавен) и В.М.(51) од Охрид, поради сомнение за сторени кривични дела.
Против прво, второ и третопријавениот е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „Измама“, предвидено и казниво по чл.247 од КЗ, додека четвртопријавената се сомничи дека сторила кривично дело „Помагање“ по чл.24 во врска со чл.247 од КЗ.
На 05.02.2026 година на ул.„Маврово“ во Битола, прво, второ и третопријавениот со лажно прикажување факти довеле во заблуда 72-годишна битолчанка, претставувајќи се дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Оштетената му предала златен накит на првопријавениот, кој подоцна ги предал предметите на второпријавениот. Со делото била причинета штета од околу 40.000 денари.
На 06.02.2026 година кај Саат кулата во Битола, на ист начин измамиле 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои одзеле околу 430.000 денари.
Во периодот од ноември 2025 до 21.02.2026 година, второпријавениот и четвртопријавената ги пренесувале и предавале паричните средства стекнати со измами во Р.Бугарија, односно во Софија, на третопријавениот, при што дел од средствата задржувале за себе.
Со измамите извршени во повеќе градови во државата, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.
Од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Битола на Г.М. му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, додека првопријавениот веќе издржува мерка притвор.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР

