Црна хроника
Во критична состојба се две деца од сообраќајката во кочанско
Две деца се уште се борат за живот во Ургентниот центар, од вкупно 11-те донесени во Скопје по тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во близина на кочанското село Оризари.
На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, на одделот за интензивна нега задржани се четири деца од кои две имаат повреди на главата и нагмечување на градниот кош, изјави д-р Илир Хасани, раководител на Ургентниот центар во Скопје.
Интервенција е направена врз девојче на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради санирање повреди на лице, а траела до 5 часот изутрината, по што девојчето е однесено повторно на КАРИЛ.
„Четворица пациенти се наоѓаат во центарот за интензивно лекување, едниот од нив е доста тежок, со сериозна, тешка повреда на глава и на градниот кош. Едниот пациент е префрлен после операцијата којашто е извршена од страна на докторите од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради тоа што има претежно повреди на лицето и на лицевите коски”, вели Хасани.
Пет деца се лекуваат на Клиниката за неврохирургија од кои две се исто така во тешка состојба и се на одделот за интензивна на оваа клиника, а три се на одделение.
„На неврохирургија, двајца се во тешка состојба и се наоѓаат во кома центарот, односно во неврохируршкото интензивно лекување и се во потешка состојба. Едниот од нив во текот на ноќта беше опериран, додека тројцата што се примени на одделение се во подобра општа состојба”, вели Хасани.
Две деца се лекуваат на Детската клиника и се со најлесни повреди, па треба да бидат пуштени на домашно лекување во текот на денешниот ден. Повредените деца се на возраст меѓу 14 и 17 години.
Три деца се наоѓаат на интензивна нега во Општата болница во Кочани и нивната здравствена состојба е стабилна.
Според МВР, до несреќата дошло откако трактор со кој се превезувале 18 лица, повеќето малолетници кои се враќале од првомајски излет, се превртел во близина на местото Илин Дол на патот меѓу кочанските села Пресека и Оризари.
Несреќата се случила околу 19.30 часот. До превртување на тракторот дошло на асфалтна површина на не многу стрмен терен, наведуваат во МВР. Возачот кој управувал со тракторот загинал на местото на несреќата, а по пат кон Скопје синоќа почина и неговата сопруга, која исто така била повредена при превртувањето на тракторот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

