Црна хроника
Брачна двојка издрогирана, ограбена и однесена на Галичица
Брачна двојка од Скопје заминала во Охрид за да купи автомобил, но биле издрогирани, ограбени и однесени на Галичица со гребнатини и набиеници по телото, соопштија од МВР.
За ова осомничени се двајца 37 годишни охриѓани, едниот е во бегство, а другиот е приведен.
Во понеделникот брачните партнери тргнале во Охрид за да купат автомобил „Мерцедес“ кој го нуделе двајцата охриѓани, измамници на социјалните мрежи и го продавале за 3.500 евра.
Кога се сретнале, едниот од измамниците им се претставил како Сашо и ги однел во својот стан на улица „Мирче Ацев“ и ги лажел дека неговата сопруга ќе дојде набргу и ќе го донесе автомобилот.
Ги послужил со инстант нес кафе и со кисела вода, по што брачната двојка почувствувале замаеност и зашеметеност и од тогаш не знаат што се случувало со нив.
Сопругот се освестил истиот ден околу 18.40 часот и видел дека лежи во планински предел на трева. Позади него лежела и неговата сопруга, а од нејзината ташна биле украдени вкупно 2.800 евра и 58.000 денари.
Од нејзиниот мобилен телефон се јавил во охридската полиција, но не знаел да им каже каде се наоѓаат. По кратко време на патот се појавил автомобил и тогаш дознале дека се наоѓаат на местото Корита на планината Галичица.
Двојката била најдена и пренесена во полиција каде биле констатирани набиеници и гребаници по главата, градниот кош и екстремитетите на сопружниците и употребено средство со непозната содржина за успивање.
Едниот измамник кој ги пречекал е приведен, но другиот кој бил задолжен да купи кафе и кисела вода од продавница е во бегство. Откако ги издрогирале ги сместиле во автомобил, ги ограбиле и ги однеле на Галичица. Против двајцата е поднесена кривична пријава за разбојништво./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

