Црна хроника
Исти автоматски пушки биле користени во Монструм и во пукање во кое учествувал Фејзи Азири?
Обвинителството во случајот „Монструм“ побара, а судот прифати да се изврши увид во списите на предметот од 2009 година, во којшто еден од обвинетите, Фејзи Азири е обвинет дека со уште три непознати лица пукал на неговата фарма во Белимбегово.
Според обвинителката, Гордана Гешковска, во ноември 2009 година Азири со уште три непознати лица пукале со автоматски пушки коишто користеле муниција и биле исти со автоматските пушки што биле употребени во петкратното убиство кај Смилковското езеро.
Насер Рауфи, адвокат на обвинетиот, Фејзи Азири рече дека предлогот не треба да се прифати бидејќи се работи за сосема друг кривичен предмет, а оружјето од ова дело било одземено и запленето сд страна на Министерството за внатрешни работи, па според него не би можело истото оружје да биде користено во убиството кај Смилковското езеро.
Судењето за петкратното убиство коешто се случи во април минатата година продолжи без првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои сé уште се наоѓаат на Косово и се чека нивна екстрадиција. Во Косово каде беа уапсени во март годинава, им се суди за нелегално поседување оружје.
Министерот за правда, Блерим Беџети изјави дека судењето во Косово веќе почнало, а првото рочиште било одложено бидејќи не присуствувал еден од адвокатите, но тој очекува судењето за овој предмет којшто според него не е обемен, да заврши брзо.
Родителите на убиените момчиња пред два дена изјавија дека ликвидацијата на момчињата е нарачана од високи структури и дека обвинетите кои сé уште не се екстрадирани, според нив, имаат политичка заштита.
Министерот Беџети не сакаше да ги коментира изјавите на родителите и какви и да се шпекулации за случајот и вели дека треба да му се остави на судот да одлучи и да донесе пресуда./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

