Црна хроника
Повеќе загинати во автобуска несреќа во Црна Гора
Според различни извори меѓу 8 и 20 патници ги загубиле животите во автобуската несреќа којашто се случи во неделата по 17 часот на црногорскиот магистрален пат Подгорица – Колашин, според неофицијални информации со кои располагаат локалните медиуми.
Станува збор за автобус со романски регистарски таблички со кој патувале 52 туристи. Покрај загинатите, од околу 30 повредени 24 се здобиле со тешки повреди опасни по животот. Се стравува дека бројката загинати е 20.
Првичната информација беше дека станува збор за украински туристички автобус. Од Клиничкиот центар во Подгорица изјавиле дека кај нив се довезени 17 повредени од кои едно е дете.
Портпаролката на Управата на полицијата, Тамара Поповиќ, изјавила за подгоричка Побједа дека несреќата се случила кога од досега непознати причини, автобусот кој околу 15 часот влегол во Црна Гора, доаѓал од правецот на Колашин излегол од тунелот слетал од мостот Грло, кај манастирот Морача, ја пробил заштитната ограда и паднал во провалијата на 30 до 40 метри од патот.
На местото на несреќата биле испратени сите медицински екипи со кои располага подгоричкиот клинички центар, а полицијата направала коридор до црногорската престолнина за пренесување на настраданите. Покрај со амбулантни возила, повредените се пренесувани и со приватни возила.
Исто така, на местото на несреќата се упатени и полициски специјалци, пожарникари, планинари и припадници на службата за спасување. На местото од несреќата пристигнал и црногорскиот министер за внатрешни работи Рашко Коњевиќ./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

