Црна хроника
Со криумчарење добиток `заработиле` 2.000.000 евра
Петмина македонски полицајци – граничари, ветеринар од Кичево и уште 12 други Македонци и 14 албански државјани се дел од криминална група за криумчарење и транспорт на жив добиток од Македонија во Албанија, откриени во четвртокот во координирана акцијата наречена „Милка“.
Криминалната група ја воделе 14 албански и еден 30 годишен македонски државјанин од село Велешта-Струшко, а Како членови на групата со посебни задолженија поврзани со незаконитите постапувања се јавуваат останатите македонски државјани на возраст од 25 до 62 години, родум од Велешта, Дебар и неколку дебарски села.
Меѓу осомничените се и ветеринар од Кичево и пет полициски службеници од граничните премини „Блато“ и „Џепчиште“.
Според досегашните сознанија, криминалната група делува од 2011 година, од кога организира и се занимава со купување, транспорт, складирање и криумчарење (пренесување) преку зелената гранична линија – терање добиток (телиња и јунци) избегнувајќи ја полициската и царинската контрола од територијата на Македонија во Албанија во близина на село Спас-Дебар кое се наоѓа на 500 метри од граничниот премин Блато.
Добитокот главно го купувале од сточните пазари во Македонија во Боговиње-Гостивар, во Кривогаштани – Прилеп и во Кичево, по што до подрачјето на општина Дебар во село Спас ги транспортирале со товарни моторни возила, им ги отстранувале идентификационите ушни значки за да не може да се утврди потеклото, а потоа пеш преку зелената гранична линија илегално ги пренесувале во Албанија каде ги препродавале за повисока цена, а до сега успеале да пренесат 2037 грла жив добиток.
Во Македонија добитокот го набавувале во просек по 2 евра за 1 кг., а во Албанија го продавале по сума од 5 до 6 евра, при што за 1 кг. во просек остварувале 3,5 евра противправна имотна корист, односно за целиот период се стекнале со противправна имотна корист од најмалку 2.138.850 евра..
Во Спас добитокот го сместувале во штали, сопственост на членови на групата, по што полициските службеници-старешини и вработени во полициските станици за гранична контрола „Блато“ и „Џепчиште“ по примен поткуп, злоупотребувајќи ја својата службена положба со организаторите на групата ја договарале маршрутата и временскиот период кога да го пренесат илегално добитокот во Албанија.
Полициските службеници им кажувале информации за моменталната поставеност на полициските патроли или истите ги препраќале на друга локација.
За непречено одвивање на транспортот на добитокот од местотот на купување до село Спас, оваа криминална група во своите редови имала и ветеринарен инспектор задолжен за изработка на фалсификувана пропратната документација.
Прокриумчарениот добиток во Албанија е преземан од членовите на криминалната група од Албанија, транспортиран и продаван на пазарите во Тирана, Елбасан и Драч.
Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судски Наредби, извршени се претреси на вкупно 18 локации (13 во Дебар, четири во Струга и една во Кичево), домови и други простории на членовите на организираната група, при што лишени се од слобода вкупно 15 лица (14 македонски државјани и еден албански државјанин).
При извршените претреси во домовите на членовите на групата, пронајдени и одземени се четири пиштоли, 125 парчиња муниција, две грла добиток, разни видови документи за потеклото, сопственоста и здравствената состојба на добиток, пет товарни и две патнички возила, 323.085 евра, 90.930 долари, 1.390 франци и 740.000 денари, како и телефонски апарати и сим картички од различни оператори.
Против осомничените до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против вкупно 32 лица (17 македонски и 14 албански државјани) членови на криминалната група ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека ги сториле кривичните дела „Злосторничко здружување“, „криумчарење“, „фалсификување на знаци од вредност“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Давање поткуп“, „Примање поткуп“ и „Помагање“.
Се преземаат мерки за пронаоѓање и лишување од слобода на уште вкупно 16 лица (тројца македонски 13 албански државјани), додека пак еден од пријавените веќе се наоѓа во притвор за сторено кривично дело „неовластено производсто и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Во текот на операцијата „Милка“, Министерството соработуваше со албанската полиција преку СЕЛЕК Центарот, така што соработката ќе продолжи и при преземањето на натамошните дејствија односно откривањето и лишувањето од слобода и на останатите членови на оваа група./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

