Црна хроника
Жители на Табановце го убиле мигрантот и раниле тројца други
Локални жители на граничното село Табановце го извршиле нападот над група мигранти на 16 јули со цел да ги оргабат, при што еден мигрант загина, а тројца беа ранети.
Кумановската полиција во саботата соопшти дека во содејство со Секторот за организиран криминал, ги откри сторителите на убиството кое што се случи на 16 овој месец во Табановце и поднесе кривична пријава против Ј.В.(28), Д.П.(24) и С.Л.(28), жители на селото, поради основано сомнение дека сториле кривично дело убиство со умисла. Пријавените во вечерните часови на 15.07.2013 година се договориле да ограбат мигранти кои повремено минуваат крај нивното село во правец на Србија, по што наредниот ден околу 01,30 часот излегле покрај автопатот во Табановце и откако забележале група мигранти, првопријавениот тргнал кон нив и им издал наредба да застанат, по што со ловна пушка сопственост на неговиот татко, во воздух испукал еден патрон, но тогаш групата почнала да бега. Во тој момент некој од групата со камен гаѓал кон напаѓачите при што каменот го погодил првопријавениот во пределот на лицето и тој изреволтиран испукал неколку патрони кон групата, при што го лишил од живот мигрантот кој по потекло е од Бангладеш и ранил три мигранти од Бангладеш и Пакистан. Пријавените веднаш избегале од лице место, по што дошле во куќата на првопријавениот каде што се договориле на никого да не кажуваат за настанот, а првопријавениот веднаш ја исчистил пушката. По извршен претрес во домовите на пријавените одземени се две ловни пушки. По спроведената истражна постапка од страна на Истражен судија од ОС Куманово на пријавените им е изречена мерка притвор во таење од 30 дена, по што Д.П. и С.Л. се спроведени до затвор Скопје, а првопријавениот се наоѓа во бегство.Третопријавениот е познат сторител на слични кривични дела, во 2011 година е пријавен за разбојништво над мигранти и други кривични дела со елементи на насилство за што е и осудуван. Останатите пријавени се познати сторители на кривични дела од областа на имотните деликти./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

