Црна хроника
Спречен шверц на 750 штеки цигари од Македонија во Велика Британија
Четворица македонски државјани со двоен пасош, македонски и бугарски, се обиделе да прошверцуваат 750 штеки цигари преку аеродромот „Александар Велики“ во Велика Британија, каде на црниот пазар би заработиле 75.000 евра.
Царинските службеници на аеродоромот „Александар Велики“, во вторник наутро, спречиле обид за шверц на 748 штеки цигари.
Во вторникот околу 5 часот на скопскиот аеродром „Александар Велики“ царинските службеници во соработка со граничната полиција, при вршење на редовна контрола на стоки и патници за летот на релација Скопје -Лондон Лутон, кај четворица македонски државјани пријавени за излез од државата откриле поголема количина цигари од различен бренд.
На прашањето дали имаат нешто да пријават четворицата патници, сите со двојно државјанство и носители на бугарски пасоши, одговориле негативно. По барање на царинските службеници за увид во личниот багаж на патниците пронајдени се вкупно 478 штеки цигари WINSTON, WINSTON BLUE, CAMEL, DIVA, LD RED, LD BLUE, KARELIA OM, KARELIA SLIMS. 615 штеки се со македонски контролни маркички, додека 133 штеки се без акцизни маркички.
При извршениот службен разговор, утврдено е дека станува збор за организирана група која се обидела да шверцува цигари и дека цигарите се наменети за продажба на црниот пазар во Лондон, каде вредноста би достигнала до 75 илјади евра.
Цигарите се одземени, а против прекршителите е отпочната постапка пред Комисијата за одлучување по царински прекршоци./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

