Црна хроника
Барале две илјади евра откуп на киднапирана скопјанка
Двајца браќа од Скопје барале две илјади евра од сограѓанка откако насилно ја грабнале од работа, поради што против нив е поднесена кривична пријава и им е одреден 30-дневен притвор.
Кривична пријава поднесе полицијата против две лица од скопски Сарај поради грабнување на 38-годишната скопјанка Е.М. На 37-годишниот И.И., кој со неговиот десет години помлад брат Н.И. го сторил делото, му е притвор од 30 дена.
Едниот од браќата, според полициското соопштение, ја пресретнал жената на 25-ти септември на излезот од објектот „Јети“ во близина на пазарот кај скопски Бит пазар, при што ја фатил за рака и заканувајќи и“ се да не вика и да не бара помош и’ наредил да се упати кон нејзиниот автомобил „фолксваген поло“ кој бил паркиран во непосредна близина. Таму ги чекал вториот брат, а кога пристигнале до возилото почнале да и се закануваат дека ќе ја убијат доколку не им даде две илјади евра и насилно ја внеле во нејзиниот автомобил.
Во моментот додека траел настанот поминала и уште една колешка на грабната, веднаш реагирала прашувајќи ја што се случува, но добила закани, по што од страв да не биде повредена си заминала, а притоа напаѓачите и’ се заканиле по животот на уште една жена којашто во тој момент се нашла на местото од инцидентот .
Потоа тие се упатиле кој скопското село Сарај, но цело време зад нив се движела пријателка на грабнатата која што со неа требало да си оди дома од работа.
По пристигнувањето во Сарај, двајцата пријавени ја малтретирале и физички ја нападнале жената заканувајќи се дека доколку не им ја даде бараната сума, ќе го запалат нејзиното возило.
Тие ги барале парите под закана велејќи немаат пари и не можат да ги прехранат семејствата, а таа морала да им помогне бидејќи од претходно знаеле дека имала подигнато кредит.
По ова, двајцата браќа насилници ја однеле жената до пред нејзиниот дом за да земе пари и да им ги даде, но откако по околу пет до десет минути виделе дека не излегува од дома, побегнале, а жената во меѓувреме телефонски го пријавила случајот во полиција, по што грабнувачите набрзо биле пронајдени.
Инаку и претходно постариот брат бил кривично пријавуван за сторени кривични дела, повеќето од областа на имотните деликти, додека помалиот досега не е кривично пријавуван./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете нападнато од врсници во Карпош, едниот снимал со телефон
Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Ц.А. (45) од Скопје пријавила дека околу 14:45 часот на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници кои ги познавале, информираат од МВР.
Според пријавата, едниот од напаѓачите го снимал настанот со мобилен телефон.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен 15-годишен кумановец поради кражба на автомобил и приватни имоти
На 23 февруари 2026 година во 11:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода 15-годишник од Куманово, информираат од МВР.
Според полицијата, тој одзел паркирано патничко моторно возило „форд ескорт“, сопственост на Р.Ј. (25) од Куманово. Дополнително, се сомничи дека влегол во два приватни имоти и одзел повеќе предмети.
Малолетникот бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација
Црна хроника
14-годишно дете возејќи автомобил во Дебреште удрило во бетонски столб, повреден е и неговиот малолетен сопатник
Синоќа во полицијата било пријавено дека во село Дебреште, општина Долнени, патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 14-годишен малолетник од селото, удрило во бетонски столб, соопшти МВР.
Во несреќата, 14-годишен сопатник од Дебреште се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот и 16-годишен сопатник се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

