Црна хроника
’Пошта’: Четири години затвор за благајникот и транспортерите на парите, за останатите условна
Од десетмина обвинети, тројца заработија затворски казни, во случајот со грабежот на „Македонски пошти“, па така четвртообвинетиот, во случајов благајникот на поштата во Чаир доби четири години затвор, толку добија и двајцата транспортери на обезбедената поштенска пратка.
Останатите седуммина обвинети поминаа со условни казни, а Судот на сите им досуди една година условна казна доколку во рок од три години не го повторат делото. Обвинетите се пуштени од притвор, а Советот одлучува за притворот на тројцата обвинети на кои им беа досудени затворски казни.
Десетмина вработени во Македонски пошти, обвинети за грабежот во поштата во Чаир што се случи во јули годинава одговараа на прашањата на судијата, обвинителство и адвокатите за тоа како биле украдени 211 илјади евра од поштата во Чаир.
Повеќето од нив останаа на исказот што го дале во истрага, не дополнуваа ништо, само одговараа на прашањата. Рекоа дека сé работеле според закон и според допис.
Исказ пред судот даде и директорот на Македонски пошти, Рафиз Алити, кој беше повикан како оштетен, односно претставник од поштата.
Според обвинението, обвинетите несовесно ги извршувале своите овластувања и должности и овозможиле маскирани и вооружени лица да украдат над 200 илјади денари.
Крадците, според МВР, влегле преку незаклучени безбедносна решетка и врата од службениот влез. Потоа влегле во ходникот пред втората заштитна решетка, која исто така не била заклучена, а на крајот и во просторијата на благајната каде што исто така имало безбедносна решетка и врата кои не биле заклучени и затворени во согласност со безбедносните прописи и правила./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

