Црна хроника
Љубоморни скопјанки киднапирале и физички малтретирале малолетничка
Шеснаесетгодишно девојче било физички малтретирано од три скопјанки кои се сомневале дека малолетничката има љубовни врски со нивните момчиња.
Настанот се случил на 28 октомври околу 19 часот, кога 16 годишната А.Т. излегла од кафе-барот „Хепи“, лоциран на улицата Владимир Комаров, по што на паркингот спроти кафулето и пришле Б.Ѓ.(28), Д.Ѓ.(19) и К.П.(33), и со влечење, туркање, физички удари и удари со метален предмет (клуч за тркало), насилно ја внеле во возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски таблички и насила ја задржале во времетраење околу четири часа.
Девојките удирајќи ја со шамари, кубејќи ја за коса и удирајќи ја со боксови во пределот на главата и телото, ја присилувале да признае дека имала љубовна врска со нивните момчиња. Потоа се упатиле во ТЦ„Беверли Хилс“ во кафетерија „Кафе-Кафе“, каде што се задржале околу еден час, при што и понатаму продолжиле да ја малтретираат и упатуваат закани по живот. Додека сеуште биле во кафетеријата, малолетничката го забележала келнерот од локалот, но не успеала да побара помош бидејќи била исплашена.
Кратко време потоа, насилничките заедно со оштетената излегле од локалот, по што девојчето повторно физички било нападнато со боксови и клоци, а потоа ја внеле во возилото и се упатиле во населба Чаир на непознато место.
При пристигнувањето, непознато лице ја отворило капијата на плацот, по што на кратко разговарал со една од насилничките. Откако се паркирале со возилото на плацот, физичкото малтретирање продолжило, а девојчето добивало и закани по животот.
Околу 23.00 часот, пријавените ја внеле оштетената во возилото продолжувајќи да и се закануваат и да ја тепаат, при што кога дошле на ул. „Бриселска“, една од нив, заедно со малолетничката се качиле до станот на нејзиното момче, по што пред станот, помеѓу првопријавената и нејзиното момче настанала расправија по која расправија И.Т. ја зел оштетената и со негово возило ја однел до нејзиниот дом од каде оштетената заедно со нејзината мајка се упатиле во ГОБ-Скопје каде и е укажана медицинска помош.
Од извршените прегледи, кај оштетената се констатирани телесни повреди во вид на огреботини и крвни подливи, по што е пуштена на домашно лекување, а случајот е пријавен во полиција. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

