Црна хроника
Во акцијата „Орион“ приведени пет лица, фалсификатори на лични документи
Приведени се пет од вкупно 13 лица, припадници на криминалната група којашто фалсификувала лични документи и соработуваа со друга група во Германија во меѓународната акција „Орион“.
Поднесена e кривична пријава против 11 македонски државјани на возраст од 25 до 55 години, од Скопје, Гостивар и Тетово и еден албански државјанин, поради постоење на основано сомнение дека истите се сторители на кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Фалсификување исправа“, додека со меѓународна правна помош обезбедени се докази и за уште едно 29 годишно лице.
Во Германија од страна на германските полициски служби во извршени се претреси во вкупно 33 објекти на подрачјето на Хамбург и Хале, при што се пронајдени 29 фалсификувани документи, документи со информации за пратки од Македонија, компјутерска опрема, телефонски апарати, мемориски картички.
Организирана криминална група составена од тринаесет лица, подолг временски период се занимавала со набавување различни странски и домашни документи, оригинални важечки документи и фалсификувани бланко обрасци, на кои потоа со употреба на соодветна опрема се вршела исправка или се вметнувани податоци и фотографии од лица „нарачатели“ на фалсификуваните документи.
Три члена на групата, на возраст од 25 до 33 години, биле задолжени да пронаоѓаат лица од Македонија кои се заинтересирани да им се изготват фалсификувани документи кои ќе може да ги користат за регулирање на својот престој во Германија, но исто така добивале податоци за лица нарачатели на фалсификувани документи и од пет члена на групата од Германија, од кои еден е албански државјанин, кои таму пронаоѓале заинтересирани лица.
Потоа сите податоци ги доставувале до првоосомничениот кој ја вршел изработката на фалсификуваните документи, а по нивното изработување ги предавал на двајца други членови кои вршеле доставување до нарачателите или до сопственикот на туристичката агенција ФБИ компани од Скопје кој ја користел за испраќање на документите.
Истите биле испорачувани и преку DHL и FedЕx до Германија, каде посредниците ја вршат доставата до нарачателите и наплатата на паричните средства. Овие лица по наплатата, дел од паричните средства му ги испраќале директно на првоосомничениот или пак преку второосомничениот, користејки ја услугата на Брз трансфер на пари.
„Криминалната група имала добро разработен начин на делување, така што по остварени телефонски контакти, лични средби и договори, помеѓу посредниците и фалсификаторите од Македонија, посредниците електронски доставувале фотографии и податоци за лицата за кои биле наменети фалсификуваните документи и видот на документот кој треба да биде изработен, а согласно на видот и квалитетот на фалсификуваниот документ била определувана и цената, која се движела од 800 до 1500 евра, додека за истите во Република Германија на лицата за кои биле наменети им се наплатувала повисока цена“ изјави Јанкулоска.
Германската полиција пронашла италијански, бугарски, белгиски, холандски, грчки, словенски, фински пасоши, лични карти, возачки дозволи наменети за 38 лица, кои биле изработени во Македонија и потоа испратени на повеќе различни адреси во Германија.
Вчера, врз основа на издадени наредби од страна на истражен судија, извршени се претреси во шест домови на дел од пријавените лица (во Скопје и Тетово) и во туристичката агенција ФБИ компани. При претресите пронајдени се телефонски апарати и СИМ картици, три десктоп и два Лап Топ компјутери, парични средства во износ од 9000 евра, документи од лица за Фонд за здравствено осигурување, сметки од Western Union, Шаблон со гумени букви, бројки и симболи за внесување на податоци на документите и друго. Со наредби од истражен судија за увид во евиденциите на DHL и FedEx, обезбедени се товарни листови за остварени пратки од страна на членовите на групата./крај/мвр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Пријавени тепачки во Шуто Оризари
Во СВР Скопје било пријавено дека на 24.02.2026 година на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија помеѓу двајца малолетници, повеќе лица физички нападнале еден од малолетниците.
Според пријавата, во инцидентот учествувале М.Х. (22), И.Х. (23) и Р.Х. (46).
Подоцна било пријавено и нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.З. (54) и Р.З. (36) од една страна, и М.Х. и И.Х. од друга страна, сите од Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Жена пријавила физички напад од вонбрачен партнер во Драчево
Дваесет и двегодишна жена пријавила во СВР Скопје дека била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.
Според пријавата, на 27.02.2026 година околу 12:00 часот, во дом на подрачјето на Драчево, таа била нападната од С.С. (22) од Скопје. Случајот бил пријавен во полиција во 16:30 часот истиот ден.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

