Црна хроника
Полицајци ограбиле мигранти
Министерството за внатрешни работи откри и пријави тројца полициски службеници заради инволвираност во кривични дела, откако претходно во близина на Кота 4 -Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и Граничен надзор „Богородица“, при илегално минување на државната граница од Грција во Македонија, открија 11 лица државјани на Сирија, Бенин, Еритреа, Авганистан, Гана и Бурма.
Лицата, согласно процедурите беа приведени во полициските простории, а при приведувањето не пружија отпор и против истите не се превземани средства за присилба. Поради основ за сомневање за сторено од кривично дело страна на полициски службеници, беше известен Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, кои го презедоа случајот за понатамошна постапка.
По преземените мерки и активности, Секторот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија, против К.П.(40), П.М.(37), двајцата од Прилеп и Б.Ѓ.(28) од Гостивар, сите полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност „Прилеп“, поради постоење на основано сомнение дека при преземање на активности за фаќање и лишување од слобода на група емигранти, од истите одзеле девизни средства во износ од околу 300 евра како и осум мобилни телефони, со што сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Имено, на подрачјето на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“, униформираните полициски службеници, кои во моментот извршувале службени задачи за потребите на „Посебната единица за обука и подршка“, добиле информација дека група од 15-тина лица се движат долж државната граница од Р.Грција кон влез во Р.Македонија. Веднаш по добиената иформација, полициските службеници презеле активности за фаќање на групата. Притоа се фатени 11-те мигранти при што, пред да бидат приведени во Полициска станица, на самото место им бил извршен преглед и одземени девизни парични средства и мобилни телефони без притоа да им биде издадена потврда за привремено одземени предмети.
По извршениот преглед на 11-те мигранти, истите биле приведени во Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор – Богородица – железнички премин. Од извршените разговори во Полициската станица дел од приведените мигранти пријавиле дека од страна на полициските службеници кои го извршиле приведувањето, им биле одземени девизни средства и мобилни телефони.
По извршените разговори со мигрантите, од петмина мигранти се земени записници поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Врз основа на Наредба издадена од Истражен судија при Основен суд Гевгелија извршен е претрес над тројцата пријавени полициски службеници како и претрес на патничките моторни возила, сопственост на двајца од нив. Притоа, кај К.П. се пронајдени три мобилни телефони и 155 евра, кај П.М. се пронајдени три мобилни телефони и 130 евра, додека кај Б.Ѓ. се пронајдени два мобилни телефони и 10 евра.
Покрај ова, извршено е препознавање над полициските службеници, при што од двајца оштетени е посочен полицискиот службеник Б.Ѓ., а од еден оштетен е препознат полицискиот службеник П.М. Останатите оштетени не ги препознале пријавените полициски службеници но препознале два мобилни телефони што претходно им биле одземени од страна на полициските службеници.
Вчера, во текот на попладневните часови, пријавените полициски службеници беа изведени пред надлежен Истражен судија при Основниот суд во Гевгелија, кој им изрече мерка притвор во времетраење од осум дена.
Инаку во споредба со периодот до септември минатата година кога беа откриени 532 илегални мигранти на територијата на државава, годинава во текот на деветте месеци заклучно со септември таа бројка е речиси двојно зголемена односно изнесува 908 откриени странски мигранти кои се обидувале илегално да направат транзит низ нашата земја. Најмногу од мигрантите се од Сирија (100) потоа следат од Авганистан (77) како и соседен Пакистан (70). Исто така евидентно е дека најголем е напливот на илегални мигранти од јужната граница со соседна Грција при што бројката на откриени мигранти во споредбениот период е тројно зголемена./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнати деца на училиште, во автобус, градинка – во Скопје пријавени повеќе случаи на насилство со малолетници за еден ден
Во текот на вчерашниот ден во полицијата биле пријавени неколку случаи на физички напади, најголем дел врз малолетни лица, кои се случиле на различни локации во главниот град. Надлежните служби преземаат мерки за расчистување на сите случаи.
Напад во автобус на ЈСП
Татко пријавил дека вчера неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници од селото Батинци, додека се возел во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие на подрачјето на Драчево.
Младо момче нападнато од малолетници
Дваесет и шест годишниот С.Т. Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот, во паркот во село Пакошево бил физички нападнат од двајца малолетници, кои употребиле тврд предмет. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидент во средно училиште во Центар
Во 21:15 часот, Ж.П. (47) од Скопје пријавил дека околу 12:00 часот, во двор на средно училиште на подрачјето на Центар, неговиот 16-годишен син бил нападнат од друг ученик.
Напад во градинка во Чаир
Во 13:00 часот, Н.Ќ. (49) од с. Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека околу 12:30 часот, во двор од градинка на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници.
Напад во Кисела Вода
Во 22:30 часот, Н.Ц. (46) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот, нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување.
Црна хроника
Возило удри во 7-годишно девојче во Куманово, со повреди донесено на Клиника
Во текот на вчерашниот ден на булеварот Октомвриска Револуција во Куманово, автомобил „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки удрил во седумгодишно девојче од Куманово.
Како што соопшти МВР, возилото го управувала 23-годишната С.В. од Куманово.
Во несреќата девојчето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила полициска екипа.
Црна хроника
(Фото) Експлозија во куќа во охридско, тешко повредено едно лице
Едно лице е повредено во експлозија што се случила денеска во охридското село Велгошти, информира територијалната противпожарна единица Охрид.
„Во текот на денешниот ден ТППЕ Охрид , интервенираше на санирање на последиците од разорна експлозија во куќа во Охрид,с.Велгошти. Експлозијата е предизвикана од зголемена концентрација на гасови ( плин ) и останати фактори, кои допринеле за високо ниво на експлозивност. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите спречено е и опожарување на објектот. Повредена е и 1 жена која е преземена од екипите на брза помош“, соопшти противпожарната служба.
Од полицијата соопштија дека пожарот се случил околу 11 часот и дека тешко е повредена 44-годишна жена.
„На 06.02.2026 година во 10.58 часот, во СВР Охрид е пријавено дека избувнал пожар во куќа во охридското село Велгошти при што, Е.Т.Ѓ.(44) од истото село се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид. Се преземаат мерки за утврдување на причините за пожарот“, соопшти СВР Охрид.

